Пораките на Македонија од Давос
- Учеството на македонската делегација на Светскиот економски форум во Давос оваа година се одвива во услови на длабоки глобални трансформации, особено во областа на енергетиката и високата технологија. Пораките што ги испрати премиерот Христијан Мицкоски од Давос јасно го лоцираат прашањето на сопственото производство на електрична енергија како централна оска на идниот економски и политички развој на државата
Според дискусиите на високо ниво на панелот за енергетика на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, на кој учествуваа водечките светски компании и американскиот секретар за енергетика, глобалната побарувачка за енергија влегува во фаза на експоненцијален раст. Особено е алармантен податокот дека потребата од електрична енергија ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната енергетска побарувачка. Проекциите дека во следната деценија ќе бидат потребни нови капацитети од околу 40.000 терават-часа ја нагласуваат димензијата на предизвикот, но и на можноста за државите што навреме ќе се позиционираат.
Овој тренд не е случаен. Развојот на вештачката интелигенција, дигитализацијата и растот на центрите за податоци создаваат нов тип индустриска инфраструктура што функционира исклучиво на стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија. Во таа смисла, електричната енергија станува стратешки ресурс, споредлив со безбедноста и храната.
Енергетиката како прашање на суверенитет
Во ваков глобален контекст, пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија не смее да биде „нем набљудувач“ добива суштинско значење. Зависноста од увоз на електрична енергија ја прави државата ранлива на ценовни шокови, геополитички турбуленции и пазарни нестабилности. Затоа, сопственото производство на електрична енергија не е само економско туку и суверено прашање.
Енергетскиот суверенитет подразбира способност на државата самостојно да ги задоволува клучните енергетски потреби на населението и индустријата, да планира долгорочен развој и да води независна економска политика. Во таа рамка, изјавите од Давос ја позиционираат енергетиката како еден од темелите на националната безбедност.
Рестартирање на стратешките енергетски проекти!
Како конкретен одговор на глобалните трендови, премиерот на Македонија, Мицкоски, ја најави потребата од рестартирање на долго одложуваните енергетски проекти, како што се „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков Мост“. Овие проекти не се само инфраструктурни зафати туку и стратешки капацитети што можат да обезбедат стабилно, обновливо и домашно производство на електрична енергија.
Дополнително, нивната реализација би ја намалила цената на струјата, би ја намалила и зависноста од увоз, би го подобрила трговскиот биланс и би создала предуслови за привлекување инвестиции во енергетски интензивни индустрии. Во услови кога инвеститорите бараат сигурно снабдување со енергија, ваквите проекти стануваат конкурентска предност. Во тој контекст, токму инвестициите од таа област претставуваат катализатор на енергетската трансформација. Во истата насока беа средбите со мултинационални компании од енергетскиот, технолошкиот и здравствениот сектор кои укажуваат дека постои реален меѓународен интерес за инвестирање во Македонија. Но тој интерес е директно условен од капацитетот на државата да обезбеди долгорочна стабилност, на повеќе општествени полиња, вклучувајќи го и енергетското. Оттука, инвестициите во енергетиката не се трошок, туку предуслов за економски раст и подлабока трансформација, за обезбедување раст и развој.
Од индустриска зависност кон економска диверзификација
Премиерот Мицкоски јасно укажа дека Македонија мора да ја надмине својата традиционална зависност од автомобилската индустрија и да го диверзифицира економското портфолио. Енергетиката, особено производството на сопствена електрична енергија (со динамизација на производство од обновливи извори), се наметнува како логичен следен чекор. Таа може да стане носечки сектор што ќе ги поддржи дигиталната економија, високата технологија и идните индустрии.
Пораките од Давос јасно укажуваат дека енергетскиот суверенитет ќе биде клучен критериум за успешност на државите во наредните децении. За Македонија, тоа значи итна и стратешка ориентација кон сопствено производство на електрична енергија, рестартирање на клучните проекти и активна улога во глобалните енергетски процеси. Во спротивно, ризикот од маргинализација ќе расте пропорционално со глобалната побарувачка за струја. П.Р.
































