Клубовите што се дел од училишниот проект „Играј одбојка, расти со неа“, кој Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) го спроведува под закрила на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), успешно реализираа активности во изминатиот период. Проектот, чија цел е да ја промовира одбојката меѓу младите генерации и истовремено да му даде поддршка на овој спорт во училиштата и во локалните клубови, беше спроведен во училишта во Велес и во Скопје, со поддршка од тамошните одбојкарски клубови, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Околу 100 момчиња и девојчиња, на возраст од 7 до 14 години, поделени според возрасните групи, учествуваа во спроведувањето на активностите од проектот, водени од неколкумина активни одбојкарски тренери, како и од десетина наставници по физичко воспитување. Во овој проект се вклучени околу 30 клуба, кои функционираат под капата на Одбојкарската федерација на Македонија, а реализацијата на активностите трае во периодот од септември до јуни, односно за времетраењето на учебната година. ОФМ од 2018 година е партнер на Европската одбојкарска конфедерација во проектот „Играј одбојка, расти со неа“, пишува Одбојкарската федерација на Македонија. Г.И.

































