Билансот на загинати од цунамито што ја погоди Индонезија се искачи на 281 лице, а повеќе од илјада се повредени. Индонезиските власти стравуваат дека бројот на жртви и натаму ќе расте, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по најмалку 57 лица, кои се водат како исчезнати.
Цунамито во саботата вечер по локално време ги погоди крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава, а беше предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау. Локалните власти соопштија дека се разурнати стотици домови и други објекти.
Цунамито откорнало и голем број дрвја што ги блокираа патиштата, што го отежнува пристапот на спасувачките екипи до настраданите. Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелира до локалните жители и туристите да стојат подалеку од брегот.
– Ве молиме да не се приближувате до плажите. Се молат оние што се евакуирани сѐ уште да не се враќаат дома – соопшти агенцијата.
Раководителот на Одделот за предупредување за земјотреси и цунами при агенцијата, Рахмат Тријоно, призна дека на Индонезија ѝ недостига систем за рано предупредување на опасност од големи бранови при ерупција на вулкани.
– Механизмите за рано предупредување со кои располагаме во моментов првенствено се однесуваат на тектонски појави, а не на вулкански – изјави Тријоно.
Кон крајот на септември индонезискиот остров Сулавеси го погоди земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика цунами-бранови високи и до седум метри, при што загинаа над 2.200 лица, над 10.000 беа повредени, а повеќе од 1.000 беа прогласени за исчезнати. По ова властите признаа дека системот за предупредување од цунами не функционира со полн капацитет веќе шест години. Според нив, од 2012 година не работи длабинскиот сензор за рана детекција на големи бранови, кој е клучен елемент на системот за предупредување од цунами.