„Веркмајстерови хармонии“ – филмската космологија на Бела Тар

  • Во спомен на Бела Тар (1955-2026), автор кого Тилда Свинтон го опиша како вистински филмски магичар

„Веркмајстерови хармонии“ („Werckmeister Harmonies“), филм на Бела Тар од 2000 година, не припаѓа на филмовите што едноставно се гледаат. Станува збор за искуство што постепено се вселува во внатрешниот ритам на гледачот – дело што не нуди наративна удобност, а бара трпение, концентрација и целосна изложеност. Џим Џармуш го опишува како „сонолик“, но тоа е сон што полека се изместува во кошмарна состојба: мрачна, тивка и натежната од чувството дека злото не доаѓа однадвор, веќе одамна егзистира во самото ткиво на заедницата.
Снимен во строга и елегантна црно-бела фотографија, филмот се протега низ само 39 кадри во времетраење од 145 минути. Камерата одбива да брза, да појаснува или да манипулира. Таа лебди, следи и набљудува. Времето во овој филм не служи како драматуршки механизам, туку се наметнува како централна онтолошка тема. Како што самиот Тар често нагласуваше, приказните создаваат илузија на настанување, додека единствената вистинска константа останува траењето – години, денови, минути и секунди што не водат кон разјаснување, туку кон состојба на непрекинато постоење.
Филмот започнува со еден од најпрецизните и најрадикални воведи во современата кинематографија. Во запуштена кафеана, Јанош – разнесувач на весници и наивен хроничар на светот – им објаснува на пијаниците како изгледа затемнувањето на Сонцето. Човечките тела ја преземаат улогата на планети, движењата сугерираат космички поредок, а резултатот е апокалиптична визија во минијатура. Со исчезнувањето на светлината, тишината станува доминантна состојба – простор во кој стравот се артикулира без зборови.


Пристигнувањето на циркусот со огромниот препариран кит и мистериозниот „Принц“ го нарушува кревкиот баланс на градот. Китот – нем, неподвижен, со празен поглед – не функционира како симбол што бара дешифрирање; неговото присуство ја дестабилизира колективната рамнотежа. Околу него се концентрираат погледите, телата и проекциите на заедницата, додека насилството што следува се појавува како последица на долго и тивко таложење. Тар не го инсценира хаосот – тој стрпливо го следи неговото постепено оформување.
И покрај изразените метафизички слоеви, „Веркмајстерови хармонии“ поседува силно реалистичко упориште. Просторите се конкретни, ликовите телесни, а студот е речиси допирлив. Секој елемент е цврсто вграден во материјалноста на светот што го населува филмот. Долгите кадри претставуваат етичка позиција: одбивање монтажна диктатура, дистанца од манипулацијата со погледот и инсистирање на одговорноста на набљудувањето.
Ова е кино на траењето, на концентрацијата и на тишината што зборува поинтензивно од кој било дијалог. Филм што не бара идентификација со ликовите или следење на заплетот, туку целосно присуство во состојбата што ја создава. „Веркмајстерови хармонии“ не нуди завршеток во форма на одговор. Наместо разрешување, остава чувство на еден свет што продолжува да постои во сопствената дисхармонија – свет без стабилен центар и без утеха.
По завршувањето, не останува некаков си финален заклучок. Филмот не се памети по сцени, туку по чувство – како тежина што продолжува да постои долго по завршувањето на последниот кадар.