Корупцијата во ЕУ е длабоко вкоренета во бриселските институции и во носителите на високите европски функции
- Кога одекна веста дека поранешната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини е уапсена поради основано сомнение за корупција и проневера на пари од Европската Унија, целата политичка претстава за европската мудрост, морал и стандарди се сруши со еден удар. Како песочен замок изграден врз лаги и двојни стандарди
Европската Унија со години ни зборува дека корупцијата е најголемата пречка на Македонија на патот кон Брисел. Со години ни испраќаше дипломати, експерти, координатори, специјални претставници, набљудувачи, реформатори… цели карвани од европски службеници, кои со одлучен тон, покажување на часовник дека времето ни истекува и високо подигнат прст ни објаснуваа, поточно закануваа и уценуваа дека мора да се смениме за да станеме дел од европското семејство. И секогаш во преден ред беше еден лик – Федерика Могерини, лицето на европската мудрост, морал и стандарди.
Но завчера, кога одекна веста дека истата таа Могерини е уапсена поради основано сомнение за корупција и проневера на пари од Европската Унија, целата политичка претстава како да се сруши со еден удар. Како песочен замок изграден врз лаги и двојни стандарди.
Лицемерство од европски формат
Тоа што најмногу боли и најмногу провоцира не е само корупцијата сама по себе. Боли фактот што токму таа, која на Балканот играше улога на некаков европски „учител“, денес се покажува дека не ги положила сопствените испити на морал, етика, политичка, правна и материјална одговорност. Нашите консултирани соговорници, од невладини организации што се тесно поврзани со проектите на промоција на ЕУ, нејзините вредности, предности од членството, промовирање на принципите и стандардите врз кои е втемелена Европската Унија, со жалење констатираат за она што сѐ почесто се случува во Брисел, а се разбира не е првпат, туку во континуитет.
– Дали постои поголема иронија од тоа човек што ти држи лекции по чесност да биде уапсен за кражба? Македонските граѓани долго време беа третирани како проблематични ученици. Од нас се бараа реформи, компромиси, отстапки, а понекогаш и понижувања – сето тоа под превезот на „европски стандарди“. Но денешната реалност нè тера да се запрашаме: Кој ги проверува европските претставници што доаѓаат тука? Кој ги контролира? Кој гарантира дека тие што нè оценуваат не се поткупени, корумпирани или водени од туѓи интереси? Ако тие што доаѓаат да го бранат европскиот морал се фатени со раката во теглата, што останува од тој морал – се прашуваат многумина од нив.
Секако, треба да се издвои дека, сепак, тие додаваат дека „токму воспоставениот и функционален систем во земјите на ЕУ и на самата Унија едноставно – функционира, дотолку повеќе што, ете, и во овој и во други случаи се детектирани и откриени неправилности и злоупотреби, па дури и од највисоки носители на функции во администрацијата на ЕУ, па, така, тие и биле лишени од слобода, а делата за кои се сомничат процесирани пред надлежните европски судови“.
Дилема: Дали Могерини била независна, објективна и професионална кога доаѓала во Македонија или, пак, други интереси ѝ диктирале што да зборува и бара од нас?!
Балканот со години гледа како се сменуваат европски дипломати што практично имаат сила да го кочат или забрзуваат процесот на интеграции. Овие луѓе не се туристи — тие имаат моќ. Можат да ја блокираат иднината на една држава. Затоа, во контекст на последниот настан со лишувањето од слобода на нам добро познатата Могерини, некои соговорници во врска со ова прашање отворено поставија неколку прашања.
Можеби од оваа временска дистанца треба да отвориме некои дилеми во врска со бриселската бирократија… Можеби одговорот на тие прашања појасно ќе ни го покаже патот кон нашата стратешка определба – ЕУ. Еве, на пример, како би одговориле на прашањето: „Какви мотиви имала Могерини кога доаѓала во Македонија? Или, пак, дали Могерини била независна, објективна и професионална — или, пак, нечии туѓи интереси ѝ диктирале што да зборува и што да бара? Дали корумпирани политичари во ЕУ влијаеле врз процесите на Балканот?“ Сето ова е аларм, не за Македонија — туку за самата ЕУ. П.Р.
Анкета: Довербата кон ЕУ што перманентно еродира, сега е пред уривање
Европските вредности не се поништуваат со еден скандал, но се урива довербата. А довербата е единственото нешто што Македонија го бара од ЕУ веќе над 20 години.
– Во Македонија зборот „европски“ долго време беше синоним за квалитет, напредок, чесност, ред. Но што останува од тој имиџ кога еден од главните амбасадори на европскиот морал е уапсен за кражба? Каков пример да земеме? Дали да веруваме на декларации или на дела? Ако оние што доаѓаат да ни ја мерат корупцијата се самите корумпирани, процесот станува фарса – велат соговорниците, експерти за политиките на ЕУ.
Во текот на вчерашниот ден направивме и куса анкета со неколку десетици граѓани од Скопје, кои беа запознаени со најновиот корупциски скандал во Брисел. Во продолжение пренесуваме некои од покарактеристичните одговори: „Ни доаѓаат претставници што очекуваат од нас дисциплина, а сами не можат да ја задржат“; „Ни држат говори за реформи, а тие дома реформираат сопствени банковни сметки“; „Најцинично е што Европејците продолжуваат и натаму во истиот стил. Утре ќе дојде нов европски пратеник, кој повторно ќе зборува за борба против корупција, европски пат, стандарди, ветинг, транспарентност“…; „Сето тоа го прават без грам чесност, наместо некој од Брисел, висок функционер да изјави: Европа има свои корупциски проблеми, и тие директно влијаат врз Балканот“; „Не е целиот застој на евроинтегрирањето на Македонија во нас самите. Не е само грешка на Македонија, поради ’македонски’ грешки. Дел од застојот произлегува од корупцијата и игрите на европските дипломати што требаше да бидат ’спасители’ на регионот“. П.Р.
Кус коментар, од наш агол
Македонија има право да очекува чесни партнери!
Ниту една држава не заслужува да биде понижувана од оние што се престоруваат во морални судии, а зад грб го прават токму тоа што го забрануваат. Приказната на Могерини е предупредување за ЕУ, но и еден вид ослободување за Македонија:
Не сме ние најголемиот проблем. Дел од проблемите се увозни. Македонија има право да очекува чесни партнери. Ако ЕУ сака да биде патоказ, мора прво да ги исчисти сопствените редови. Во спротивно, европскиот пат ќе остане само празна фраза, а довербата ќе се растопи во морето од скандали. Зашто, како што кажува македонскиот народ: Не ставај ја лисицата да го чува кокошарникот. И да парафразираме: Особено ако таа лисица доаѓа со европско знаме во рака. П.Р.
Могерини приведена во акција на белгиската полиција
Белгиската полиција уапси три лица, вклучувајќи ја и поранешната висока дипломатка на ЕУ Федерика Могерини, и изврши рација во седиштето на службата за надворешна политика на ЕУ и елитниот Колеџ на Европа, како дел од истрагата за сомнение за измама, пренесуваат светските медиуми. Тројцата беа приведени „како дел од истрагата за сомнение за измама поврзана со обука финансирана од ЕУ за помлади дипломати“, соопшти канцеларијата на европскиот јавен обвинител во соопштението, без да ги именува приведените.
Белгискиот весник „Де стандард“, повикувајќи се на судски извори, беше меѓу првите што објавија дека Могерини, сега ректорка на Колеџот на Европа, е меѓу тројцата уапсени. Извор на британски „Гардијан“ исто така потврди дека Могерини е меѓу приведените. Белгискиот весник соопшти дека се уапсени уште двајца од „дипломатски кругови“ поради можна „измама во набавките, корупција и судир на интереси“. „Гардијан“ дознава дека Стефано Санино, генерален секретар на службата за надворешна акција на ЕУ помеѓу 2021 и 2024 година, а сега генерален директор на Европската комисија, е меѓу уапсените. Белгиските медиуми исто така го објавија неговото име. Портпаролот на Европската комисија потврди дека „се води истрага за активностите што се случија во претходниот мандат“.
Полицијата изврши претреси во седиштето во Брисел на службата за надворешна акција на ЕУ, Европската служба за надворешна акција, како и во неколку згради на Колеџот на Европа во Бриж, по барање на обвинителството. Претреси се извршени и во куќите на осомничените, соопшти обвинителството. Тековниот случај претставува истрага од страна на Европското јавно обвинителство (EППO), единственото тело на ЕУ што се занимава со кривични случаи, а кое беше покренато во 2021 година за борба против прекуграничната измама со средствата на ЕУ. ЕППO може да поведе кривични случаи во судовите во која било од 24-те земји членки на ЕУ што се приклучиле, вклучувајќи ја и Белгија. Случајот се фокусира на тоа дали Колеџот на Европа и/или неговите претставници биле однапред информирани за тендерот за програма за обука на млади дипломати пред официјалното започнување на процесот на наддавање. ЕППО соопшти дека има „силни сомневања“ дека се прекршени правилата за фер конкуренција и дека доверливи информации биле споделени со еден од кандидатите што учествувале во тендерот. Колеџот на Европа во Бриж доби договор за водење на Дипломатската академија на Европската Унија во 2021-2022 година по одлука на надворешната служба на ЕУ. ЕППО соопшти дека имунитетот на тројцата осомничени е укинат на негово барање.
Могерини ја предводеше надворешната служба на ЕУ од 2014 до 2019 година, откако таа неколку месеци служеше како италијанска министерка за надворешни работи. Таа стана ректор на Колеџот на Европа, финансиран од ЕУ, во 2020 година, што претставуваше контроверзен избор за некои поранешни студенти, кои тврдеа дека таа немала научни квалификации или искуство во водење сложена академска структура. Колеџот на Европа, основан во 1949 година во белгиски Бриж, служи како постдипломски центар за обука за службеници и дипломати на ЕУ. П.Р.


































