Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
Од најдамнешни времиња, уште од памтивек човекот се трудел и учел како да ги употребува благодатите на природата и да ги користи нејзините богатства со цел да си го олесни или подобри животот. Природните ресурси на планетата Земја влијаеле за развојот на цивилизациските ери и епохи во изминатите милениуми. Дел од историјата на човештвото и на човечкиот развој се определува и според употребата на видовите на метали, па затоа научниците ги определиле бакарното, бронзеното и железното време. Дали постоело и златно време, односно златна доба, сè уште можеме само да претпоставуваме… Длабочината на земјата била истражувана од луѓето уште во праисторијата, а подземните простори и премини што се користеле за заштита од временски непогоди и војни денес може да се видат во сите краишта од светот. Рударството започнало да се развива уште од мугрите на цивилизацијата, придонело за развој на земјоделството преку изработка на алати, но и за зголемување на војните откога почнале да се создаваат и оружја. Некои од најголемите империи ги доживеале своите успеси поради рудните ресурси со кои располагале или ги освоиле.
За најстар рудник во кој се вршела експлоатација на руда, светската научна фела заедно со УНЕСКО го има определено рудникот во Свазиленд на африканскиот континент, за кој тврдат дека имал рударска активност дури 40.000 години пред нашата ера. Во овој дел на светот, на европскиот континент, забележано е дека обработката на метал започнала во далечното бакарно време, а во епохите потоа се развивала како поради изобилството на рудни богатства така и поради умешноста на населението во одредени региони.
Едни од најстарите праисториски наоѓалишта во Европа се наоѓаат и во делот од континентот каде што се наоѓа денешната Република Македонија, нарекуван Балкански Полуостров. Развојот на човечката цивилизација на овие простори несомнено бил повлијаен и од учењето на човештвото како да ги експлоатира и обработува рудните богатства. Иако најчесто цитираните историски прегледи на рударството во Македонија го користат како почетен периодот на римското владеење на овие простори, заинтересираните за древното рударство не треба да ги отфрлаат и малкуте познати, но многу полезни податоци за обработката на металите и пред римската окупација, во вековите кога територијата на денешната држава Македонија била дел од Македонското Кралство и Империја, во времињата кога овде живееле Пеонците и Македонците, а во соседството Тракијците, Дарданците и Илирите, па и порано – уште од времето на Пелазгите. Пронајдените археолошки локалитети и наоди во изминатиот век потврдуваат присуство на обработени метали уште од многу одамна, пред антиката. Едни од најстарите монети во Европа од раната антика се пронајдени токму на овие простори. Античките извори со пасусите во кои се споменува дека „кога во Пеонија врнеле обилни дождови, златото само излегувало на површина“ само ја дополнуваат мистеријата за древното рударство во овој дел од светот.

Златоносните реки, старинското злато и мадамџиите
„Уште од старо време се знае дека голем дел од народот во Кратовско, Паланечко, Ќустендилско, Кумановско, Овчеполско, Кочанско и Вранско биле мадемџии, рудари. Селаните мадамџии биле ослободени од повеќето царски даноци. Самите рудници, рудишта и рудини биле сметани за вакавски места. Пред два–триста години, 500 оки руда давала 120–160 оки железо. 400 оки среброносна оловна руда давала 200 оки олово и 100 драма сребро. Во нашите краишта имаме златоносни реки со старинско злато. За 700 оки железна руда биле потребни седум товара ќумур или 490 ливри. Работата во рудниците престанува во половината на 19 век. Народот во последните векови малку знае за древните рудници. Плавењето на златоносен песок по нашите реки било многу распространето порано. Прелевањето или плавењето на златоносниот речен песок се прави на најпрвобитен начин, во долги корита направени од штици. Кога водата протекува преку коритото, кое е разделено на прегради – прагови, останува на дното…
Кај Макрешкото Поле, кое е дел од Овче Поле, Осоговските Планини завршуваат на југ. Од Руен преку Овче Поле се патувало уште во древноста, трасата била активно користена од ајдутите, а сеќавања за тоа за колку часа и од каде се оди по североисточните краишта на Македонија се живи до ден-денес. Тие гори се богати со различни минерали и минерални води. Има многубројни остатоци од копањето руда, и самите орудија со кои се копале рудите се тркалаат по многубројните визби и подруми. Тука се правени и вади за промивање на злато. За 20 часа пат може да се отиде по билото од Ќустендил до Овче Поле.
Кратовското Брдо почнува од врвот Руен и ако се движиш по билото, на шест часа од Руен е Царев Врв, под кој тече Дурачка Река. Има едно предание што вели дека кога дошле Турците, султанот се качил на тој врв, а војските застанале кај Дурачка Река, па затоа врвот се нарекувал Царев (Султан-тепе), а реката Дурачка од зборот „дур“, со значење „стојам“. Понатаму се преслапот Бела Вода, врвовите Мартинин и Дренот, долот со Руменин Камен, врвот Костадиница, Карвак Врв, Лисец, Којковски Преслап, Буковец над Кратово. Од таму на левата страна по билото остануваат лесновскиот манастир „Свети Гаврил“, преслапот Печеници, Плавица, Жгурите, Илин Крст, Црн Врв или Градиште, богати со сера и камен јаглен, покриени со стари утврдувања и големи камени жлебови, соби издлабени во карпите, какви што има во истите планини во урнатините над Коњух над Крива Река. Откако ќе се помине Црн Врв, следува билото покрај Стуболска Бара, Три Кладенци, Добра Глава и се стига во Макрешкото Поле, кое е дел од Овче Поле, каде што Осоговските Планини завршуваат на југ. За околу 20 часа пат по билото преку Кратово се стигало од Ќустендил до Овче Поле.“ Сето тоа е наведено во записите на Ефрем Каранов од Кратово, објавени на крајот од 19 и почетокот на 20 век.
Според записот, кој е стар повеќе од сто и триесет години, тоа бил патот на ајдутите од Руен до Овче Поле, а тие гори биле богати со различни минерали и минерални води, кисела вода во која има сер, хлор и алуминиум кај Кратово и топла вода во Овче Поле. Постоеле многу остатоци од копањето руди, како и самите орудија за работа од некогашните рудари.
Некои од повозрасните уште паметат дека во рудниците и на рудиштата и рудините се работело до денот на Свети Никола…
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)































