- Документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации, кои ја продолжуваат традицијата
Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, годинава одбележува еден век постоење со документарен филм, кој првпат во земјава ги прикажува животот, предизвиците и подвизите на едно планинарско друштво.
Документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации, кои ја продолжуваат традицијата. Филмот е изграден врз лични сведоштва на активни членови, архивски снимки и современи кадри и прикажува еден век на љубов кон планината, истрајност, пријателство и посветеност кон заедницата.
– Ова е редок настан што се случува во Македонија – значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и целата држава. Кога ќе застанеш на врвот и ќе ја почувствуваш тишината на планината, сфаќаш дека ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае сто години – вели Јован Божиновски, претседател на клубот.
Од идеја до симбол на планинарството
На 23 март 1925 година, група визионери од Тетово, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, го формираат тогашното Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Првите децении биле скромни, но полни со ентузијазам – веќе во 1931 и 1934 година биле изградени првите планинарски домови во Македонија.
– Ако го земеме фактот дека само шест години по формирањето, на Љуботен и Попова Шапка никнуваат домови, ќе сфатиме дека тие луѓе имале визија и свест за тоа што значи планинарството – не само како спорт туку како култура и заедништво – објаснува Божиновски.
Во педесеттите години клубот имал и по 950 члена. Од тогашните ентузијасти произлегле генерации што ги поставиле темелите на современото планинарство во земјава.

Хроника на вековна страст кон планината
Филмот ја раскажува историјата низ пет епохи – од првите патеки по Шар Планина, скијачките подвизи пред Втората светска војна, па до новата доба на дигитални мапи и апликации.
Снимањата се реализирани на повеќе локации – Тетово, Попова Шапка, Љуботен, Лешница, Маврово и Тетовско Кале – со што публиката добива целосна и жива слика за тоа како клубот растел, се менувал и преживувал низ општествените и историските турбуленции.
– Нашите успеси не се само во искачените врвови туку во луѓето што ја носат љубовта кон планината во срцето. Традиционалното искачување на Титов Врв, кое го организираме 43 години по ред, секогаш обединува стотици планинари од Балканот и Европа. Тоа е нашата гордост – симбол на пријателство и единство – додава Божиновски.
Од Шара до Килиманџаро – дух што не познава граници
Во документарецот се појавуваат и ретки архивски фотографии и видеа од искачувања на членовите на клубот на врвови како Килиманџаро (1988), Алпи (2019 и 2025).
Клубот денес има околу 150 активни члена, меѓу кои и осум професионални водичи со меѓународна лиценца IML.
– Секој што има љубов кон природата може да биде планинар. Но планинарството бара учење, дисциплина и почит кон планината. Тоа е активен одмор, но и духовен раст – вели претседателот Јован.
Шара – планина што чува спомени
Документарниот филм е омаж на Шар Планина – нејзините врвови, долини, извори и луѓе што ги поврзува. Тоа е приказна за љубов што трае сто години и што ќе продолжи и во следниот век.
– Иднината на клубот е во рацете на следните генерации. Но ако нешто научивме во првиот век – тоа е дека љубовта кон планината не се гаси. Таа само расте – вели Божиновски.
Дел од документарниот филм за сто години постоење на планинарскиот клуб „Љуботен“ премиерно ќе биде прикажан на Свечената академија на 15 ноември.
Филмот е редок културен настан што ги спојува историјата, спортот, природата и духот на заедништвото – вистинска инспирација за сите генерации.

































