- Во земја каде што сиромаштијата трае три децении, тоа веќе не е економска состојба, туку стратегија за владеење
Во Македонија, сиромаштијата одамна престана да биде проблем што треба да се реши. Таа стана систем што треба да се одржи. Таа е горивото што го движи политичкиот мотор, тивката машинерија што ги храни сите влади, сите партии и сите празни изборни ветувања. Ако ја нема сиромаштијата, ќе нема потреба од спасители, а без спасители ќе нема ни избори.
Секој политички циклус започнува со истата приказна. Партиите ветуваат „живот за сите“, „нова економија“, „европски плати“, а народот гласа со последната надеж дека можеби овој пат ќе биде поинаку. Потоа следуваат истите месеци на разочарување, истите оправдувања, истата позната резигнација. Така, сиромаштијата се претвора во навика, во општествена константа што никој повеќе не ја забележува.
Во земја каде што минималната плата е помала од реалната потрошувачка кошничка, сиромаштијата не е случајност. Таа е пресметан резултат на политика што создава зависност. Социјалните пакети, партиските вработувања, јавните тендери и субвенциите што се делат пред избори се дел од истиот систем на контрола. Секој денар што државата го дава, ја купува послушноста на оној што го прима.
Партиите одамна го совладаа најмоќниот економски инструмент: контролата на стравот. Стравот од отпуштање, од ревизија, од инспекција, од исклучување од списоците. Таа е невидливата економија што владее над сите други. Секој јавен службеник, секој наставник, секој вработен во државна институција знае дека неговата егзистенција зависи од тивката лојалност. Така, сиромаштијата не се само мери во приходи, туку во покорност, понизност и послушност.
Кога се создава економија без доверба, луѓето престануваат да ризикуваат. Младите не отвораат бизниси, затоа што знаат дека успехот не зависи од идеја, туку од врските со запоседнатите фотелји. Работниците не бараат повисока плата, затоа што знаат дека замената чека пред вратата. Интелигенцијата молчи, затоа што секој што ќе проговори ризикува да биде исфрлен од системот. Така, државата станува пирамидална структура во која на врвот стои политичката партија, а на дното народот што само преживува.
Во меѓувреме, властите ја мерат економијата преку бројки што убаво звучат, но ништо не значат. Се зборува за раст на БДП, а никој не кажува дека тој раст доаѓа од инфлација, не од продуктивност. Се фали „рекорден извоз“, но никој не споменува дека тоа се странски фабрики што плаќаат минималец и испраќаат профит во други земји. Се ветуваат странски инвестиции, но ретко кој зборува дека тие инвестиции обично се купуваат со државни субвенции, а не со вистинска конкурентност.
Економијата се претвори во декор зад кој се крие најстарото правило на балканската политика. Државата не е создадена за граѓаните, туку за партиите што ја делат меѓу себе. Институциите не се алатки за развој, туку партиски терени за наградување и казнување. Затоа Македонија нема економски модел, туку политички пазар. Сè се купува, сè се продава и секој што не сака да учествува во тој пазар станува невидлив.
Државата ја претвори сиромаштијата во институционална инфраструктура, систем и племенска припадност. Социјалните служби се само маскирани партиски канцеларии што ќе ја завршат работата за оној за кој се јавил „некој од горе“. Секоја нова програма за помош е уште една зависност што создава нови гласачи, нови поданици и нови гласници на социјалните мрежи.
Секоја изборна година е година на социјална милостина, условувања за работно место, унапредувања, тендери, уништени кариери. Пензионерите добиваат по илјада денари како потсетник дека државата ги памети само кога треба да се гласа. Работниците добиваат пофалби, но не и достоинствена плата. А младите, кога веќе немаат надеж, нема кој да ги слушне и разбере, нема кој да им обрне внимание, едноставно бегаат и си ја планираат иднината на некое место со посигурна иднина и реални можности.
Ниедна власт не сака вистинска економска слобода, затоа што економски слободниот човек не гласа по наредба. Тој гласа според убедување. Тоа е најопасниот гласач во државата што живее од контрола. Затоа, колку повеќе сиромашни луѓе има, толку е посигурна власта.
Во нормална држава, сиромаштијата е срам. Во Македонија, таа е стратегија. И токму затоа се повторува. Никој нема интерес да ја искорени, затоа што таа создава клиенти, зависници, поддржувачи, армија од луѓе што гласат од страв, не од идеја.
Денес, кога ќе ги слушнеш политичарите како ветуваат европски стандарди, знаеш дека зборуваат за бројки, не за живот. Европскиот стандард не се постигнува со прес-конференции, туку со праведна плата, фер данок и еднаков почеток за сите. Но тоа е опасна идеја, затоа што руши пирамиди изградени врз зависност.
Македонија може да биде просперитетна само кога ќе ја ослободи сиромаштијата од политиката. Кога граѓанинот ќе знае дека неговата иднина не зависи од тоа кој е на власт. Кога трудот ќе биде посилна валута од врските. Кога системот ќе престане да го наградува молкот, а ќе почне да го наградува успехот.
На крајот, кога ќе се направи пресметка, ќе се види дека сиромаштијата не е несреќа, туку стратегија. Не е последица, туку инструмент. Таа им одговара на сите што владеат, затоа што држи сè под контрола. Сиромашниот човек не прашува за правда, туку за помош. А кога политиката ќе го научи да моли, тој ќе ја брани и тогаш кога таа му штети.
Во Македонија, сиромаштијата не е пораз. Таа е проект што совршено функционира. И додека народот живее од ден за ден, политичарите живеат од неговиот страв.
А стравот, како и сиромаштијата, никогаш не оди на одмор.
Кирил Колемишевски

































