- Стравот од недостиг од гориво за граѓаните и од нова политичка криза ја поттикнува Софија да бара изземање на Бугарија од новововедените санкции на Вашингтон
Бугарија истражува можности за да биде исклучена од новите санкции на САД, кои Вашингтон го воведе против најголемата приватна нафтена компанија во Русија. Оваа сензитивна информација ја пренесува реномираниот „Политико“, повикувајќи се на свои заштитени два извора, запознаени со ова прашање. Според истите извори, официјална Софија се плаши дека „мерките на САД ќе предизвикаат сериозен недостиг од гориво и популистичка реакција низ целата земја“, пренесува „Политико“.
За потсетување, американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави санкции за двата најголеми руски производители на нафта, „Роснефт“ и „Лукоил“, што поттикна неколку земји од ЕУ во кои работат фирмите да се заземат да бидат изземени од пакетот санкции, односно за себе да бараат – исклучоци.
Бугарија е седиште на рафинеријата „Бургас“, во сопственост на „Лукоил“. Таа рафинерија обезбедува до 80 проценти од горивото на земјата. Затоа, актуелната бугарска влада се обрати до Вашингтон за да добие насоки за постапување по воведените американски санкции (кои треба да започнат на 21 ноември), а да не ги загрози своите енергетски интереси, бидејќи Бугарија може да биде „парализирана“ поради недостиг од гориво. Згора на тоа, бугарската влада е загрижена дека со санкциите на САД би можела целосно да се затвори рафинеријата, односно да престане со работа, што би можело да има политички последици, односно да причини пад на владата, велат изворите на „Политико“. Р.С.



































