- Ова навистина може да се нарече крај на ерата на Ахмети – не како личен пораз, туку како историска нужност. Времето на политика со етнички или конфесионален предзнак истекува, времето на заеднички развој и вистински реформи – започнува
Изборите што од ДУИ и нивниот лидер ги именуваа дека ќе бидат „референдум“ завршија како политички суд чија пресуда е најдиректно против оние што го држеа албанскиот народ како заложник цели 23 години. Но, по оваа драконска казна од „политичкиот суд на граѓаните“, во сѐ уште отсутната морална и етичка одговорност за пустошот што го остави зад себе Али Ахмети за Македонија и нејзините институции, логично е наскоро да следува – судска одговорност.
Лавината на правдата тргна
Политиките на ДУИ за долгогодишното функционирање како „влада во влада“, промовирање и практикување паралелна, двојна, поделена Македонија, со македонски и албански дел – се испратени во историјата уште пред година и некој месец, на последните парламентарни избори во земјава. Тогаш се виде дека граѓаните го отфрлија концептот на бинарна држава, кажаа „НЕ“ за сегрегација по етничка и верска линија, но и да се стави точка на постојаните обиди (од кои некои и успешни) со кои унитарна Македонија се претвори во де факто федерација со два суверенитета, со две територии. Тенденциите на тој декомпонирачки концепт продолжија и со „де јуре“ обиди во законодавството. Но, конечно, граѓаните рекоа „доста е“ на квазипреференцијалниот статус на Албанците со кој ги манипулираше ДУИ, на сметка на Турците, Ромите, Власите, Србите и Бошњаците, а се разбира и на сметка на македонскиот народ…
Корупцијата, ароганцијата и манипулациите што системски ги всади ДУИ во институциите, сега се урнаа под сопствената тежина. Недопирливоста на ДУИ-државните функционери, нивното отуѓување од граѓаните низ примерите на јавно демонстрирани поведенија на надменост и дрскост (како што беше играње фудбал во државни канцеларии), станаа метафора за целосното обезличување на институциите. Нивните „државнички“ постапки во својство на државни функционери, како што е фаворизирањето на Косово и на Албанија наместо на својата држава Македонија, покажаа дека овие политичари одамна не се патриоти, туку трговци со фингирани национални чувства. Нивната цел не беше напредок, туку личен профит и спроведување стар, анахрон неотсонуван сон на Призренската лига со мегалодржавни аспирации, по секоја цена. И по цена на жртви, војна, убиства, воени злосторства, геноцид… Како граѓаните да им ја заборават реториката на постојани закани со воени судири и милитантна закани, кои Ахмети и неговите луѓе ги користеа секојпат кога ќе почувствуваа губење на моќта. „Ќе ги облечеме униформите“, „ќе ги земеме чизмите“ – тоа беа пораки со кои ги држеа како заложник цел народ и држава. Но оваа милитарна уцена конечно падна. Сега веќе нема ниту политички, ниту правни пречки или опструкции лавината на правдата да тргне бришејќи ги пред себе сите рецидиви на криминал, таложени две и повеќе децении.
Време за одговорност
Али Ахмети несомнено е историска фигура за Албанците во Македонија, особено по 2001 година, но неговото место во историјата треба да се најде токму во согласност со фактите. А факт е дека неговото владеење почна од воено-милитаристичко-радикално (илегално и терористичко) кон олигархиско. Од командување со паравоена формација чија платформа некогаш ветуваше распад на Македонија и територијално отцепување со воен плен на западниот дел на унитарна Македонија (коминикеа на ОНА), потоа илегалната организација, која подоцна со посредство на меѓународната заедница од терористичка се легитимира како легална-бунтовничка, а на крајот како политичка партија. (?!) ДУИ прерасна во симбол на привилегии, корупција, уживајќи селективна правда за нејзините членови, а посебно функционери.Со текот на времето, ДУИ и Ахмети ја претворија „големоалбанската идеја во личен и партиски монопол“, каде што најголемата вредност беше лојалноста кон партијата и кон него лично. Ахмети успеа да создаде стабилна мрежа на власт, но токму таа стаменост ја претвори партијата во затворен систем без свежи идеи и без визија, а криминалните поведенија не се изгубија, туку поминаа од еден облик во друг: од воени злосторства и убиства (ОНА), криминалот им се трансформира во висока корупција,злоупотреба на службената положба и овластувања, измами, проневери (еден функционер на ДУИ е сѐ уште во бегство). Токму затоа ова нема да заврши само со изборен пораз. Али Ахмети и структурата на ДУИ мора конечно да одговараат пред правдата. Не заради одмазда, туку заради правдата што 20 години беше задушувана.
Македонските Хашки случаи мора повторно да се отворат. Злосторствата од 2001 година не застаруваат. Ако денес во Хаг одговараат поранешни команданти на УЧК од Косово, зошто Македонија да остане нем сведок на сопствените рани? Никој не е над законот, ниту Али Ахмети, кој со години го користеше етничкиот наратив за лична недопирливост. П.Р.
Падот на Ахмети не е само политички настан – тоа е психолошко ослободување на цела држава
- Денес сè поголем број граѓани во албанскиот етнички кампус гледаат дека валоризацијата на вистинската општествена вредност не доаѓа преку поделби, туку преку компетентност, работа, посветеност и меритократија. Затоа ДУИ природно го губи легитимитетот
Падот на Ахмети не е само политички настан – тоа е психолошко ослободување на цела држава. Граѓаните со својот глас ги поништија: уцената со втерување страв на неистомислениците, тенденциите за постојни етнички поделби, шовинизмот како алатка и сегрегацијата како начин на живот. Се разбира дека тоа „Ахмети и компанија“ го всадиле и длабоко го вкорениле за време на повеќегодишното владеење. И дека „опашки“ од тоа сѐ уште ќе има. Но, ова е момент кога Македонија конечно може да се врати кон себе – како една држава за сите граѓани, односно нација, со една правда, една иднина и еден достоинствен глас.
Историјата ја испиша пресудата на политиките на ДУИ и Ахмети, а правдата сега треба само да ја прочита. Граѓаните сакаат мир, работа и достоинствен живот, а не страв и поделби. Двата круга на изборите покажаа дека ДУИ не само што ја изгуби поддршката туку ја изгуби и својата политичка душа, која пред извесно време се обидоа да ја пребојат во „зелена“ боја (партија). Но, таа групација остана само сенка на едно дамнешно милитаристичко, а потоа и квазиполитичко движење.
За потсетување, во првиот круг на локалните избори 2025 убедливо победи Вреди во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце, во вториот круг промена се случи во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Тоа не се случајни резултати – тоа е победа на разумот над стравот и на работа над заканата.
Ги чувме вчера Албанците како јасно порачаа: сакаме политика што обединува, а не што дели. Сакаме иднина со македонскиот народ, а и со другите ентитети што ја прават Македонија мултиетничко и мултикултурно општество. П.Р.



































