- Да замислиме една хипотетичка ситуација, односно дека господинот Али Ахмети е шведски политичар! Каква би била неговата политичка порака? Доколку се земе предвид како функционира шведското општество, Ахмети најверојатно би говорел за социјалната кохезија, соработката низ региони, екологијата и инклузивната политика, неговиот стил на говор ќе биде прагматичен, консензуален и ориентиран кон конкретни мерки и транспарентност, а не за ветер и магла
Старите мудреци велеа дека реториката е легитимна само доколку ја отвора портата кон општото добро, доколку институциите, правдата и мерливите исходи се ставаат пред емоционалните апели. Со други зборови, реториката што има цел етничка мобилизација се квалификувала како опасно отворање на патот кон нестабилност и слабеење на одговорноста на власта. Во овој контекст е и резонирањето на Аристотел, според кого, етничката реторика е демагогија, а политиката треба да се води за заедничко добро и рационални аргументи, а не со залажувачки емоции и апели кон припадност. Притоа Аристотел нѐ потсетуваше дека водачите што си поигруваат со чувствата на граѓаните наместо да се насочат кон доброто владеење, го еродираат политичкиот систем и поттикнуваат долгогодишната нестабилност. Слични размислувања имаше и Платон, кој предупредуваше дека ораторите што користат симпатични слики без содржина се слични на софистите што продаваат убедување наместо мудрост. Во оваа смисла мора да имаме и предвид дали одреден говор ѝ носи добро на државата или само задоволува одредени приватни интереси? Од друга страна, античкиот историчар Тукидид уште пред 2.000 години констатирал дека емоционалните пораки може да ги зголемат внатрешните тензии и да ја нарушат соработката, која е неопходна, советувајќи дека треба да внимаваме на последиците од зборовите во практичната политика, а не само на нивната привлечност.
Доколку низ примата на старите мудреци се обидеме да го анализираме искажувањето на Али Ахмети за забрзување на интеграцијата во Европската Унија и за отстранување на границите што ги делат браќата од иста крв, како и дека во обединета Европа овие граници мора да се трансформираат во мостови што ги обединуваат народите, неизбежен е заклучокот дека станува збор за реториката што има цел етничка мобилизација, реторика што е демагогија или зборови што се обидуваат да продадат нешто, но немаат никаква поврзаност со мудроста. Мора да нагласиме дека искажувањето на Али Ахмети е непосредно пред локалните избори во Македонија, кои имаат прагматична природа, односно треба да се изберат градоначалници што ќе управуваат со инфраструктурата, услугите и економските иницијативи на општинско ниво.
Спротивно од ова, пораката на Али Ахмети лесно може да се протолкува како обид за мобилизацијата на одредена етничка заедници, во нашиот случај припадниците на албанскиот народ. Ова само по себе е менување на фокусот од реалните потреби на албанската заедница кон симболични и идеолошки цели. Во едно нормално демократско општество, политичките пораки треба да ги балансираат правата и интересите на сите групи, а не да ги засилуваат поделбите кога изборниот процес бара практични решенија, како што се канализација или улици. Не смееме да забораваме дека онаа реторика што го нагласува етничкиот идентитет, всушност го одвлекува вниманието од конкретни политички задачи како подобрување на инфраструктурата, управување со буџетот, локален економски развој и квалитет на услуги.
Со други зборови, кога во политичката кампања акцентот се става на етничката припадност, гласањето многу лесно станува глас за припадност, а не глас за програми и резултати, со што се намалува одговорноста на избраните функционери. За да се обезбеди долгорочна стабилност, потребни се видливи и мерливи политики: економско стимулирање, поддршка за локално претприемаштво, инвестиции во инфраструктурата, подобрување на образованието и јавните услуги. Локалната власт е клучна за реализација на ваквите политики; затоа јавниот дискурс треба да ги потенцира компетенциите, програмите и отчетноста на кандидатите. Празните или широки симболички слогани треба да се заменат со конкретни рокови, извори на финансирање и индикатори за успех, кои гласачите можат да ги оценуваат по изборите.
Да замислиме една хипотетичка ситуација, односно дека господинот Али Ахмети е шведски политичар! Каква би била неговата политичка порака? Доколку се земе предвид како функционира шведското општество, Ахмети најверојатно би говорел за социјалната кохезија, соработката низ региони, екологијата и инклузивната политика, неговиот стил на говор ќе биде прагматичен, консензуален и ориентиран кон конкретни мерки и транспарентност. Овој хипотетички Ахмети ќе говори за заеднички коридори, модернизација на патиштата и граничните премини за намалување на времето и трошоците за товарен и патнички сообраќај, прекугранични економски зони и заеднички кластер-проекти, кои поврзуваат мали и средни претпријатија, техничка помош за пристап до пазарите и дигитални платформи за трговија, заеднички програми за управување со води, заштита на водните басени и мерки за зачувување на биодиверзитетот преку проекти финансирани од ЕУ и регионални фондови, мобилни здравствени тимови, заеднички програми за вакцинација и кризни планови за катастрофи, кои ги намалуваат нееднаквостите во пристапот до услуги и се така до бесконечност.
На самиот крај ќе завршиме со стоиците што инсистираа на рационален пристап – граѓаните треба да се повикуваат преку заеднички интереси и долгорочни бенефиции, а не преку исклучиви етнички наративи. Повикот кон „браќа“ е спротивен на стоичката доблест на праведност и одговорност кон сите членови на заедницата.