Фото: ЕПА

Сигнали од Волстрит поврзани со подемот на скапоцените метали

Како што пазарите на акции и обврзници изгледаа сè понесигурно во услови на домашни и геополитички економски тензии годинава, скапоцените метали го обновија својот статус како безбедни средства за тргување. Спот-цената на златните прачки за првпат надмина 4.000 долари за тројанска унца на почетокот на месецов. Спот-среброто, пак, ја надмина границата од 50 долари за тројанска унца за првпат по децении.
Во средата спот-златото се тргуваше над 4.220 долари за унца, достигнувајќи уште еден рекорд, додека со среброто се тргуваше по цена над 53 долари за унца, според податоците на „Трејдинг економикс“. Фјучерсите се тргуваа малку повисоко за златото и малку пониско за среброто.
А Волстрит гледа дополнителен простор за раст. На пример, ако само половина процент од американските средства што ги поседуваат странски инвеститори се префрлат во злато, вредниот метал би можел да достигне 6.000 долари за унца, велат аналитичарите на „Џеј Пи Морган“.
Шефицата на производите на индексот на стоки на „Блумберг“, Џиња Гиб, вели: „Ако чувате злато во вашето портфолио, тоа на некој начин дејствува како кадифена играчка, ви нуди комфор“.
Иако златните прачки често се највидливиот метал за тргување, растечките финансиски плими ги издигнаа на повисоко ниво сите скапоцени метали. Фјучерсите за сребро и платина годинава пораснаа за повеќе од 80 отсто, односно повеќе од 85 отсто, соодветно. Фјучерсите за паладиумот, друг популарен „метал од платинската група“ (ПГМ), се зголемија за повеќе од 75 отсто, во споредба со зголемувањето на златото за повеќе од 60 отсто.
Со оглед на континуираната неизвесност за американските долгорочни тарифни политики, аналитичарите предвидуваат дека цените на ПГМ ќе се повлечат, но овој пад ќе биде привремен и континуираната слабост на доларот ќе им помогне на цените да достигнат нови максимуми.
По падот на берзата во 2008 година, златото и платината забележаа добивка од приближно 160 и 130 отсто, соодветно, од 2008 до 2011 година, додека вредноста на среброто се искачи за 400 отсто. Во 2020 година тргувањата со страв предизвикани од пандемијата на ковид-19 доведоа до зголемување на цената на златото и платината за повеќе од 25 и 65 отсто, соодветно, додека среброто се зголеми за над 90 отсто.
Најавата за царините на претседателот Трамп во април привремено ѝ нанесе удар на берзата и ги принуди инвеститорите да се насочат кон средства за складирање вредност. Очекувањата за дополнителни намалувања на каматните стапки, исто така, дадоа поттик за скапоцените метали, бидејќи поседувањето средства што не даваат принос станува поевтино.

Скапоцените метали, исто така, имаа корист од таканаречената трговија со девалвација. Кога паѓа довербата на инвеститорите во фиат валутите како што е американската, често доаѓа до поместување кон тврди средства како метали, кои ќе задржат или ќе добијат вредност.
– Таа корелација е сè уште таму. Каде што има девалвација на доларот, златото се движи повисоко – рече стратегот за стоки на „Блумберг“ Џим Видерхолд.
Златото е во осумнеделна низа на добивки, што стратегот на Банката на Америка, Пол Цијана, рече дека може да сигнализира краткорочна слабост. Тој истакна дека од 1983 година, секојпат кога златото бележи седум последователни недели на добивка, металот завршува со пониска цена во рок од еден месец. Колегата на Цијана во Бофа, Мајкл Видмер, исто така ја изрази можноста за краткорочен пад што би можел да ги исплаши инвеститорите, дури и ако долгорочниот тренд остане на ова ниво.
– Гледаме ризик од корекција на краток рок, но сепак очекуваме понатамошен раст во 2026 година, при што златото и среброто потенцијално ќе се искачат на 5.000 долари за унца (4.400 долари во просек) и 65 долари за унца (56,25 долари во просек), соодветно – напиша Видмер.
Иако треба да дојде до пошироко повлекување на благородните метали, тоа веројатно ќе биде контролиран, предвиден збир на чекори надолу, наместо пад прекуноќ.
– Стоките како благородните метали „се качуваат со лифт, а се спуштаат по скали – напомена Видерхолд.