Фото: Пиксабеј

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека реформите во правосудниот систем се клучни за враќање на довербата кај граѓаните и за функционална правна држава. Тој посочи дека мал број поединци го компромитираат целиот систем и дека тие веќе се идентификувани.

-Имаме малкумина кои ги контаминираат сите останати и тоа е најголемиот проблем во правосудството. Тие малкумина ги имаме детектирано и не можат да бидат дел од нашиот правен систем бидејќи шансата да докажат дека се објективни, а не партиски измеќари, ја испуштија – рече Мицкоски во гостување на Сител телевизија.

Тој посочи дека е неопходно граѓаните да бидат запознаени со начинот на избор на судии и обвинители, бидејќи тоа е клучно за разбирање на проблемите во системот.

-Мора граѓаните да знаат како функционира начинот на избор на судии и обвинители, за да ни биде поедноставно. Тоа се Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а ги регрутира Академијата за судии и јавни обвинители. Вие имате една цела генерација, деветта генерација, за која и Државната комисија за спречување на корупција има мислење дека на незаконит начин завршила. Треба да тргнеме од тука – што правиме со таа одлука? Ако ја поништиме, треба веднаш да го пополниме тој празен простор со нови две генерации судии и јавни обвинители – изјави Мицкоски, додавајќи дека процесот на реформи мора да започне веднаш.

 

Нагласи дека реформите ќе се спроведуваат транспарентно и во согласност со препораките од оценската мисија на ЕУ.

Во делот за економијата, Мицкоски ги отфрли тврдењата на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, за буџетскиот дефицит, нарекувајќи ги неточни и политички мотивирани.

-Го слушав тоа, и не можев да се изначудам… да си се држи до тоа до коешто е добро, а тоа е неврохирургијата. Вчера спомена дека буџетскиот дефицит ќе биде една милијарда и 400 милиони евра. А 15-ти октомври е 560 милиони евра. Тоа е 40 проценти од тоа што тој го кажува – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека инфлацијата е значително намалена од 14,2 проценти во 2022 година на под 4 проценти во 2025, и изрази уверување дека до крајот на годината ќе се спушти под 3 проценти.