• Истражувам, преку себе, од искуствата и спознанието до конфликт со светот, споделува уметницата Тина Дрчар

Изложбата на колажи на словенечката уметница Тина Дрчар ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во галеријата МКЦ, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 3 ноември.
Изложбата е спонзорирана од Министерството за култура на Словенија и е остварена во соработка со МКЦ.
– Како автор и креативна кокреаторка со критичка мисла и оригинален уметнички пристап, го отсликувам мојот одговорен став кон слободата и природата. Со моите дела го привлекувам вниманието кон перверзиите на нашето заробеништво и недостижноста на моментот на избор што го одредува нашиот сетилен хоризонт. Насловот на циклусот колажи „Игри без граници“ е метафора или парадокс на реалноста на секојдневниот живот. „Колажи-омажи“ се преплетување на постојни уметнички дела и трансформација на телото на авторот преку фотографскиот објектив на Илија Терах, Андреј Лупинц, Никола Упевче, Тина Дрчар и Чрт Пикси, кои ја портретираа. Во техниката колаж, со почит кон етаблираните уметници и нивните уметнички дела: Миле Корубин, Вемура Шоен, Ирвин Густав Вигеланд, Борис Калин, Анри Русо, Антонио Моро и Хиеронимус Бош. Во низата трансформации на телото и костумот, интервенирам во различните значења на приказните од уметничките дела со мое сопствено реинтерпретирање. Истражувам, преку себе, од искуствата и спознанието до конфликт со светот – споделува уметницата Тина Дрчар.
Тина Дрчар (1977) е сликарка и концептуална уметница, самовработена во областа на културата. Во 2004 година дипломирала на колеџот за уметност и сликарство „Арт хаус“ во Љубљана, под менторство на професорите Марко Бутина и Тања Мастнак. Веќе за време на студиите започнува со уметнички интервенции во „Метелкова“, во сликарско дуо со Бине Скрт, при што најзабележителна е нивната слика на „Мала Шола“, која претставувала и дипломска работа. Во тој период добива простор таму, кој го уредува во ателје, каде што и денес твори. Нејзините дела често се изложувани и препознатливи на ѕидните слики (мурали) во „Метелкова место“.

Покрај сликарството, таа се изразува преку различни медиуми и уметнички техники: изработува мозаици, постери, маски, објекти и светлосни инсталации, слика сценографии за театар, а дејствува и како менторка на ликовни работилници. Активно учествувала во голем број изложбени проекти на уметниците од „Метелкова“, а имала и повеќе групни и самостојни изложби во Словенија и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди и признанија, меѓу кои и последното – признание на Меѓународниот фестивал на ликовни уметности во Крањ во 2022 година, за нејзината концептуална просторна инсталација на отворено, во урбаниот простор на градот.
Нејзините уметнички интервенции се одраз на социополитичките проблеми на младите и тензии во општеството во целина, а во исто време ги следат фасцинациите на едно време што ги преиспита традиционалните уметнички конвенции и темелно го измени современиот визуелен свет.