Разрешениот директор на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски, за кого на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како меша бела прашкаста материја, вечерва на Фејсбук упати извинување и искажа длабоко каење за своите постапки.
– Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата – пишува Кузмановски.
По објавувањето на видеото на социјалните мрежи, министерот за здравство Азир Алиу донел решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
– Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено – посочија од Министерството.
Од ВМРО-ДПМНЕ попладнево соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
-Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме – се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.