При крај сме, драг читателу, на нашата прилично долга пловидба низ морето со име Цивилизација со префиксот Западна. Морето како факт од чија чорба, како што вели Дарвин, настанал живиот свет, вклучувајќи го и чудото Човек, кое еволуционистичката теорија му го одзема на Бог. Морето што како фигуративна слика, имено, и можеби најубаво ја илустрира таа теорија на опстанокот, егзистенцијата во која преживуваат посилните под слоганот „крупните риби ги голтаат помалите“. Тоа е суровата реалност што како закон владее и во општеството, а пошироко и во големиот организам што се вика Цивилизација. Дарвин го обелоденил ингениозно тој закон на надмоќ и преживување на крупните и моќните над поситните и послабите, па затоа и ние, по аналогија на тој закон, драг читателу, гледаме како на тој план во морето на цивилизацијата за која станува збор има помор на ситни риби од кои се хранат цивилизациските ајкули. Да. Но сепак луцидниот Дарвин, кој кон крајот на животот почнал да се сомнева во својата теорија без бог, кажал и нешто што отстапува макар и како нијанса, но битна, од нејзиниот како што многу мислат непроменлив механички закон. Божем врз него ставил печат Њутн. Имено, Дарвин вели: „Најсилен од видовите не е тој што преживува, ниту е најинтелигентен, туку оној што е најотворен за промени“. Многу важно во контекст на нашата проколнатничка судбина и за опстојот на Македонија и Македонците во крвожедните челусти на цивилизацијата во која за несреќа се наоѓаат тие.
На Ниче некритички му се замерува за неговата теорија за натчовекот, дека со неа се фатил на Дарвиновата јадица на суровиот еволуционизам, кој во екстра развиениот западен свет денес на подрачјето на економијата го препознаваме во суровата дарвинистичка слика, на пример, на слободниот Лазар. Но и натчовекот на Ниче не е сфатен, како што не е сфатена ни смртта на Бог за која говори тој, не дека не постои, туку дека истиот тој е убиен од човекот на капиталот и капитализмот, од „еднодимензионалниот човек“ на Маркузе со исклучиво материјална потрошувачка психа. Така е и со Ничеовиот натчовек кого тој го проектира во полето на духовната а не на економската моќ. А тоа е битно. Тој вели: „Цивилизацијата кај еден народ се огледува во дисциплинираното единство на нагонот на тој народ“. А веднаш потоа додава: „Филозофијата го потчинува нагонот за спознание, уметноста го потчинува нагонот за обликување и восхит, Агапе го потчинува Еросот итн.“ Поимот дисциплина тука Ниче го извлекува од германската психа и во позитивна смисла во однос на цивилизацијата која треба да има цел. Но која е цивилизациската дисциплина на западната цивилизација, драг читателу, во однос на темата за која зборуваме. Во неа постои дисциплината за спознание, за што пример е западниот архетип Фауст. Тој за него и си ја продава, како што нè известуваат старогерманската легенда и Гете за тоа, и душата на Мефистофел (ѓаволот), како и за сензуална наслада, за што ја добива од него убавата и невина Маргарита. Објаснувањето во цивилизациски контекст на оваа шифра е следното: Западот од Мефисто добил благослов и дар за знаење, наука, но од друга страна земајќи му ја душата, го фрлил него во варварство. А тоа значи, пак, дека неговата цивилизација на некој начин требало да биде во рамнотежа меѓу тие два ентитети на духовното и варварското, односно нагонот за материјалното и сензуалното, телесното. Но, како што гледаме, таа цивилизација во тоа балансирање претежнала со тасот на варварството и покрај драгоцените гении што се раѓале во неа за да го зауздат нејзиниот варварски нагон, но не успеале. А Ниче, кој го согледал тоа, иако тврди дека човекот на варварството е посреќен од човекот на културата, нуди решение за излез од таа кобна стапица. Го нуди она што психоанализата на Фројд и Јунг го означува со поимот сублимација. А тоа, поедноставно, значи преобразба, трансценденција на негативните нешта; сублимација на нагонот за варварство и уметност. Исклучиво. Тука некаде стои Ничеовиот натчовек, во подрачјето на трансценденцијата, а не во подрачјето на дарвинизмот и варварството како што го толкуваат, за жал, и буквално и филозофите него. Доста кусогледо. Оти инаку зошто би рекол Ниче дека уметноста е последното засолниште за човекот, ако мисли така? А? Кај него претежнува културата, трансценденцијата над варварството. Тој е тука утопист. Затоа, имено, и можеме да го дефинираме и како германски Достоевски, кој е убеден како и неговиот руски близнак дека „убавината ќе го спаси светот“.
А кога веќе, пак, дојдовме на опозитот култура-варварство како основни геолошки пластови на цивилизацијата, особено силно изразени во западната цивилизација, јас сега повторно се потсетувам, драг читателу, на теоријата за цивилизацијата на Освалд Шпенглер, сјајниот германски филозоф неправедно турнат настрана од академската фела. Тој е во основа катастрофичар, апокалиптичар, но неговата теорија е на некој начин фасцинантна пред сè со својот херметизам. Тоа е теоријата за природниот раст, а потоа, по апогејот, за опаѓањето и гаснењето на цивилизациите заедно со нивната култура, која тој ја посматра како тоталитет на секоја една цивилизација, премолчено поминувајќи преку варварството како услов за нејзин пад. За него цивилизациите се истрошуваат и потрошуваат во полето на културата, а не во полето на варварството, и тоа спонтано како што се случува тоа во билниот свет: никнување, растење, цутење, апогеј и венеење, опаѓање во смрт, гаснење како запалена свеќа со која го дефинираат будистите човековиот живот. За таквата своја теорија, која во секој случај е фасцинантна, како архетипска слика Шпенглер ја зема цивилизацијата на Стар Египет што опстојала неколку милениуми во фантастична културолошка хармонија. Но, имено, токму со таа херметичка културолошка анализа на Стар Египет, кој го сметал за цивилизациски џин наспроти, според него, минорната старогрчка во однос на Египет цивилизација, нешто што треба да го проучи добро Европа, тој и доаѓа до својата крајно катастрофична визија на гаснењето на сите цивилизации, вклучувајќи ја и западната, раната на светот, како што ја дефинираме јас и ти, драг читателу. Шпенглер вели: „За некое столетие ќе ја снема и западноевропската култура на Германците, Англичаните, Французите, како што за времето на Јустинијан немало Римјани“. Добро би било тука Шпенглер да го заменел поимот култура со поимот варварство, оти всушност тоа е битно, особено и за нас Македонците, кои го кркавме стапот на тоа варварство во Преспа 2018. Да. И како што вели Шпенглер, таа западна, фаустовска како што ја вика тој, цивилизација наместо раѓање ќе стане гола конструкција. Каква што е впрочем таа посебно и денес со ЕУ.
Така. Но интересно, херметичката теорија на Шпенглер за цикличното паѓање на цивилизациите сè до последните денови на светот, драг читателу, ја наоѓаме далеку пред него и кај еден од старозаветните пророци, пророкот Даниел, кој е Шпенглеров сијамски близнак на тој план. Имено, теоријата на Даниел е далечен претходник на архетипалната анализа на соништата на Јунг. Старозаветниот пророк ја дава цикличната теорија на падот на светските цивилизации преку сјајното толкување на сонот на асировавилонскиот крал Набукодоносор во кој доминира еден огромен кип, на кој преку составот на неговото тело од различни метали, почнувајќи од златото на главата, па до неговите стапала од железо и глина, е означена смената на цивилизациите од асировавилонската (златната) и македонската (сребрената) сè до железната измешана со глина кај стапалата на кипот, која ја претставува според толкувачите римската цивилизација обновена во западната евроамериканска што е ем железна, сурова, ем распадлива, блиска кон крајот кој во Библијата е означен со Армагедон. Тоа е архетипската слика во сонот на Набукодоносор што го исплашила него, но која е уништена од еден камен што се стркалува од врвот на планините и удира во кипот разнесувајќи го. Што пак значи ги разнесува цивилизациите што ги симболизира тој.
Тоа е каменот што според Даниел го исполнува цел свет. Тоа е lapis каменот на мудроста кај алхемичарите што го симболизира Христос, каменот кој, како што велат Данте и Мандељштам, ги движи ѕвездите и морињата со енергијата на љубовта што му ја нуди на светот за негова обнова од варварство во култура. Е, имено, симболички но и реално апостол Павле по божја заповед го носи тој камен на своите духовни плеќи во Македонија, во која се основа првата христијанска црква во Европа. Од тука се отвора новата цивилизациска епоха на христијанството, кое треба да внесе нова космополитска светлина во етноцентричниот Запад со паганска психа, карактеристична за Римската Империја во која напонот на културата заостануваше зад напонот на варварството. Но Западот не ја прифати радосната преображенска вест испратена од Македонија и Македонците. Ја прими лицемерно и ја искриви. Изгради велелепни катедрали, но во нив никогаш не влезе Бог. Западот невестата Христова ја стави во бордел и почна да го користи христијанството како изговор за пљачкашките походи на неговите темплари и крстоносци на исток во Ерусалим и Цариград, а потоа по Колумбо и Магелан низ сите четири страни на светот, сè до денес. Ништо не научи тој од Христос, ниту стана христолик. Имајќи го предвид ова, ќе испадне дека е наивно утопистичка Шпенглеровата теорија за еволуцискиот културолошки развој на цивилизациите, а потоа откако ќе го достигнат апогејот опаѓаат, венеат и гаснат како свеќа. Онака како што гасне кај будистите свеќата на животот кога тој преминува во она будистичко Ништо, кое е многу поразлично од западното ништо. На Запад тоа означува смрт, распаѓање, психолошка траума. На Исток во мистична Азија тоа е нирвана, растворање во космичката енергија, целосно спојување на Атман со Брахман, на личното со космичкото Јас. А тоа не е мала разлика. Тоа покажува дека Западот е целосно свртен кон материјалното, а Истокот на Индија и Кина кон спиритуалното, што значи дека станува збор за различен ментален склоп на колективната душа. Оттука и Кинезите и Индусите никогаш не биле колонизатори и пљачкаши на туѓи народи, како што се тоа западните европски колонизаторски нации.
Тоа е вистината. Европа имаше да избира меѓу суровиот римски етноцентричен и македонскиот во антиката космополитски концепт, кој, кажавме, ѝ беше понуден од Македонија со неговата христијанска мисија за универзална љубов и братство меѓу народите, архетипската македонска цивилизациска визија и ментална слика на нивниот дух и душа. Така Европа до денес го поседува длабоко во својата психа покрај културолошкиот паралелно и варварскиот нагон на Римската Империја. Ако добро се погледне историјата на нејзината цивилизација, овој вториот и во поголема мерка. Тоа денес таа лукаво го сокрива, веќе скриена зад дебелата лажна маска ЕУ, изразувајќи го и оживувајќи го него perpetuum mobile само во некои симболички облици, потврдувајќи ја и на перверзен начин тезата на Касирер дека човекот живее во симболички свет. Може да се изберат и набројат многу примери за симболошката перверзија на западната европска, а, како што веќе рековме, сега евроамериканска цивилизација, но ние разбирливо, драг читателу, за таа илустрација ќе се послужиме со македонскиот пример на идентитетскиот геноцид што имаше документирана преспанска завршница на 17 јуни 2018. Во тој чин на еден политички софистициран и божем „цивилизиран“ начин исплови на површина од темната западна психа сликата на римскиот колосеум во кој за забава на римската политичка и аристократска елита се фрлаа робовите во устата на ѕверовите. На трибините во првите почесни редови на колосеумот во таа крвава игра на темното задоволство седеа римските Нерони и Калигули чии архетипови сè уште се живи во психата на некои европски политичари и владетели.
За нас Македонците, Черчил е еден од тие Калигули и Нерони. Добро. Погаѓаш што сакам конкретно да кажам, драг читателу, дека со идентитетскиот геноцид на Македонците од ЕУ, во Македонија повторно беше проектиран и живо обновен новиот постмодерен римски колосеум на Калигула и Нерон во кој Македонците како робови на обновената во палатите на Брисел римска цивилизација се фрлаа во устата на балканските ѕверови тотемизирани од Европа. Најтотемизиран од нив до денес остана грчкиот ѕвер. Нему му бевме фрлени во крвожедната челуст на 17 јуни 2018. А сега се токмат, за да не остане од нас како археолошки факт ни коска, да нè фрлат уште и во устата на бугарскиот ѕвер. Ама се излажале, драг читателу. Ние Македонците имаме некои тајни знаења, речи го тоа и искуство, со смртта. Таа фактички за нас и не е како за Европа распаѓање, туку предизвик за обнова и ново раѓање по примерот на Исус, од кого сме ја изучиле тајната алхемиска наука за победа на смртта со смрт и за создавање од неа живот. А тоа ќе се случи и по идентитетскиот масакр од ЕУ и нејзините балкански предатори врз нас. Нема долго да трае. Туку, многу тука ги спомнував ѕверовите во негативен контекст, драг читателу, за да го опишам злосторството на бриселската цивилизација врз Македонците. А должен сум да им се извинам ним бидејќи ги употребив во тој контекст. Не. Ѕверовите се божествени, им имам посветено во таа смисла и еден убав сонет во мојата книга „De profundis“, во кој кажувам дека тие се полни со бог само се несвесни за него како што се несвесни за него и западните политичари што нè ликвидираат ѕверски, со таа разлика од божествените ѕверови што во нивната душа и го нема бог. По Фауст, во неа го има наместо него Мефистофел (ѓаволот). Тоа е тоа. Тоа се по нашата идентитетска гибел едноставни рутински, како што ги дефинира нив поетот Пол Целан, „мајстори на смртта“ и ништо друго.
А дека не ја обвинуваме неоправдано за насилството врз нас како најнова претставничка на западната цивилизација ќе се повикаме на чесниот француски антрополог Л.В. Тома, кој во неговата двотомна книга „Антропологија на смртта“ вели: „Со право можеме да се запрашаме постои ли пострашна смрт за лишување на еден народ од неговиот идентитет“. И тука ставаме точка на нашата долга пловидба низ варварските води на западната цивилизација. Уште само тоа. Неподмитливиот мислител и антрополог Л.В. Тома уште вели и дека тој што му нанесува смрт на еден народ и ќе умре со неговата смрт. И така ние и ја очекуваме, праведно, смртта на оваа цивилизација која е раната на светот. А, за да не бидеме погрешно разбрани од Брисел, кому му се поклонуваат политичарите, нашата борба продолжува со слоганот на комитското знаме „Смрт или слобода“. А тоа знаме веќе го веат и западните африкански колонии. Па и БРИКС со „Патот на свилата“ и „Појас и пат“ на Кина. Белата западна болно нарцистичка ариевска раса му нанесе доволно рани на светот. И не Шпенглер, кој ја предвиде смртта на западната фаустовска цивилизација, туку старозаветниот пророк Даниел го покажа тоа и порационално и посигурно пред него со толкувањето на страшниот сон на Набукодоносор. А Нострадамус го дополни него со визионерската теза дека смената на белиот човек кој направил толку многу зла низ светот ќе биде цивилизациски обелоденета со жолтиот човек. А тој, драг читателу, веќе гази не со колонизаторски војни туку со патиштата на универзалната цивилизациска хармонија. А тоа значи најверојатно и за среќата на човештвото: „Збогум, Запад“, „Здраво, Исток“. Така. Не беше глупав ни Александар Македонски што тргна на Исток, кон Персија и Индија, а не на Запад, кон варварските Римјани и Англосаксонци. Точка. Крај. Свршеток на светот за негов нов почеток. Армагедон како Армакедон. Право на сентименталност и пристрасност поради раната на цивилизацијата што им ја нанесе таа на невините народи за која најголем и најбожествен сведок, по нејзиниот од неа идентитетски геноцид, сега е Македонија. De profundis, nocturno, memento mori.
(крај)