Автобус утрово се преврте на пат во близина на бугарско-турската граница, во регионот Мало Трново, при што најмалку две лица загинаа – соопшти градоначалникот на Мало Трново, Илијан Јанчев.
Според првичните информации, автобусот застанал поради недостиг на гориво, по што почнал да се движи наназад и се превртел.
Од возилото се извлечени сите повредени. Десет лица биле пренесени во Центарот за итна медицинска помош во Мало Трново, додека шестмина со потешки повреди се хоспитализирани во болниците во Бургас.
Несреќата се случила во раните утрински часови, непосредно пред 7 часот, на патниот правец кон Турција.
Според Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас, во автобусот се наоѓале 39 украински државјани – 37 патници и двајца возачи.































