- Уметноста, особено книжевноста, треба да си поигрува и со најсензитивните теми или токму со нив. Понекогаш преку големи историски теми, но понекогаш и преку „мали обични“ приказни. Токму ние на Балканот можеби најсилно го чувствуваме проклетството (или благословот) да создаваме уметност во „интересни времиња“. Понекогаш ни пречи што остатокот од светот ја смета таа специфика на регионалната книжевност за егзотика, но можеби токму тоа ѝ дава смисла и длабочина на уметноста (книжевноста) што се создава на овие простори
„Драмата како жанр се занимава со криза и конфликт, а Балканот отсекогаш е такво место. Затоа ми беше сосема логично и ’Буре барут‘ да го има тој наслов и излезе многу точен“, рече деновиве драматургот Дејан Дуковски за „Црно злато“, најновиот текст што минатиот месец имаше премиера на сцената на Београдско драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ. Оваа претстава е приказна за вечната балканска транзиција: просечно семејство, кое можеби некогаш во југословенскиот социјализам било донекаде среќно, денес во трошна куќа покрај автопат едвај опстанува, додека тешките камиони што минуваат таму ги разоруваат и утробата и умот. Секојдневната мака тече капка по капка, додека од другата страна на автопатот се ниша поле со мак или „црно злато“, што во превод е суровина за опиум. Тоа „црно злато“ во оваа претстава е симбол на лесна заработка и еден вид имитација на животот, во наркотична магла меѓу очајот и изгубените илузии… Разговорот со Дууковски, насловен „Авторот во фокус“, се одржа деновиве во пресрет на 60. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ на Факултетот за драмски уметности во Скопје. На средбата со Дуковски, која траеше повеќе од еден час, студентите и публиката можеа да уживаат во разговорот и да поставуваат прашања. Балканот има важна улога во драмите на Дуковски, тие се како уште еден лик што не е човечки, вид коментар, место дијагноза, тетоважа, беше истакнато на средбата…
Балканот отсекогаш бил како егзотичен гостин каде што големиот разговор за уметноста поминува низ оригиналниот, жив и разнообразен свет на балканската култура, актуализирајќи многу битни прашања за авторите. Тоа е можеби истовремено и најголемото проклетството и предност на уметноста и културата од регионов, кој денес е надвор од фокусот на западната јавност, или како што во една пригода рече црногорскиот автор Андреј Николаидис: „Светската историја нѐ учи дека балканските писатели најдобро поминуваат додека тука се одвива некој од нашите традиционални меѓунационални и меѓуверски колежи“.
Иако Балканот е само географски поим, тој често има негативна конотација во остатокот од светот, поради што останува занемарен фактот дека тука се создава навистина силна и добра книжевност. Стереотипите треба да се уриваат, а единствен начин да се направи тоа е да се зборува за нив. Оттука, вредни за поддршка се секое гостување, иницијатива, манифестација, фестивал или награда што води кон меѓусебно запознавање, затоа што поделбата на Балканот е само од политичка природа. Литературата од балканските земји тешко допира до европската публика и затоа можеби таму сѐ уште владее посебно гледање на Балканот – како некој егзотичен посебен дел од Европа или дури – како да не е дел од Европа. Поради тоа, кога ќе се каже балканска литература, тоа главно асоцира на некакви политички теми, а светската читателска јавност не е свесна дека личните приказни, дури и да доаѓаат од Балканот, сепак се универзални приказни.
Уметноста, особено книжевноста, треба да си поигрува и со најсензитивните теми или токму со нив. Понекогаш преку големи историски теми, но понекогаш и преку „мали обични“ приказни. Токму ние на Балканот можеби најсилно го чувствуваме проклетството (или благословот) да создаваме уметност во „интересни времиња“. Понекогаш ни пречи што остатокот од светот ја смета таа специфика на регионалната книжевност за егзотика, но можеби токму тоа ѝ дава смисла и длабочина на уметноста (книжевноста) што се создава на овие простори. Па наместо да се бодеме како рогови во вреќа, да ја афирмираме регионалната книжевност како нова енергија на уморната културна Европа.































