Фото: „Нова Македонија“

Од наш агол

Има моменти кога политичкиот говор престанува да биде само реторика и станува тест за зрелоста на едно општество. Изјавата на Блерим Беџети дека „Албанците имаат легитимно право да бараат ново државно уредување и сами да одредат како и каде сакаат да живеат“ не е само уште една дневнополитичка реплика. Тоа е нешто друго. Прашањето е што точно? Имено, во држава што поминала низ конфликт и изградила мир врз компромис, ваквите зборови ниту се кажуваат ниту одекнуваат напразно. Тие се упатени и удираат директно во темелите на системот. Иако Охридскиот договор не беше идеален, целта му беше да спречи натамошен судир, предизвикан од надворешна агресија врз Македонија, поддржан од внатрешни радикални структури. И каков-таков, тој се донесе и се внесе во Уставот. Се внесе амандманска „фабричка грешка“, која и ден-денес е петно. Но Договорот не е поетска метафора што секој може да ја чита како што сака. Тој е јасен! И амандманите и Уставот се јасни! Државата е унитарна, неделива и изградена врз давање права и одговорности. „Новото читање“ на Договорот што го најавува Блерим Беџети деновиве повеќе личи на радикално-политичка интерпретација со вкус на закана отколку на правна анализа. Но, да бидеме искрени, ова не е само приказна за правото. Ова е приказна за (губењето на) моќта. Кога политичар, кој до вчера управувал со општина и денес се соочува со кривични постапки, излегува со пораки за „ново државно уредување“, јавноста има право да се запраша: Дали ова е рециклираната политичка платформа на „зелените ДУИ (маскирните)“ или е само обид за лична одбрана со високи дози на општествена закана, заради нештата што би требало да следуваат во една правна држава со владеењето на правото и одговорностите во пакет? Политиката на национализмот е најлесната валута на Балканот. Таа секогаш носи краткорочни поени и долгорочни последици. А најопасното во целата приказна е тоа што границата меѓу легитимна дебата и опасна реторика е тенка и лесно се преминува. Да, секоја заедница има право да разговара за својата позиција, за своите права, за своето чувство на еднаквост. Тоа е суштината на демократијата. Но кога таа дебата почнува да флертува со идеи за „самостојно одлучување каде и како ќе се живее“, тогаш веќе не зборуваме за права, туку за тенденции со умисла, кои водат кон редефинирање на државата. А тоа, да не се лажеме, не е ни едноставно ни безопасно. И Уставот не остава простор за дилеми. Државната територија и суверенитетот не се предмет на преговори секогаш кога некој ќе почувствува фрустрација. И најважно, државното уредување не се менува со изјави на прес-конференции. Значи, во план е нешто друго. А тоа друго е казниво со закон, дури и во подготовка! И тука лежи вистинската опасност. Демек, денес е „дебата“… Но утре може да стане „барање“, задутре „криза“. Историјата на регионот нѐ предупредува дека секое играње со концептот на државност, секое релативизирање на Уставот и законите што ја држат заедно една мултиетничка заедница, има цена. И таа цена ретко ја плаќаат политичарите. Неа ја плаќаат граѓаните. Лесно е да се повикуваш на сограѓаните кога ти треба штит. Многу потешко е да се работи во интерес на граѓаните кога нема камери. И можеби токму затоа ваквите изјави се појавуваат токму сега. Не затоа што државата е пред ново уредување, туку затоа што политиката е пред стар проблем – барање одговорност и давање отчет. На крајот, прашањето не е дали некој има право да сонува за поинаква држава. Прашањето е дали има право да ја доведува во ризик оваа што ја имаме. Затоа што државите не се менуваат со зборови. Но, многу често, почнуваат да се распаѓаат токму од неодговорноста, како што овој пат, најблаго речено, беше и неодговорна изјавата на Беџети. А за тоа дали има елементи за друга одговорност, ќе ценат надлежните институции. Р.Н.М.