Научниците од НАСА соопштија дека роверот „Кјуриосити“ открил најразновиден сет на органски молекули досега забележани на Марс, вклучувајќи и соединенија што претходно не биле идентификувани на таа планета.
Откритието е направено во примерок од карпа земен во 2020 година од областа Шарп, планина висока околу 5,5 километри во кратерот Гејл. Во примерокот, наречен „Мери Анинг 3“, се идентификувани 21 органска молекула, од кои седум се првпат откриени на Марс, наведува трудот објавен во списанието „Nature Communications“.
Истражувачите посочуваат дека засега не може со сигурност да се утврди дали молекулите имаат биолошко или геолошко потекло, но откритието дополнително укажува дека древниот Марс имал хемиски услови погодни за можен развој на живот.
Меѓу новооткриените соединенија се и азотни хетероцикли, кои се сметаат за потенцијални претходници на молекули како ДНК и РНК, како и бензотиофен – органско соединение познато и од метеорити.
Анализите се изведени директно на Марс со лабораторијата SAM вградена во роверот, преку дупчење, загревање на примерокот и примена на техника на „влажна хемија“, што за првпат се користи на Марс.
За проверка на резултатите, истата метода била тестирана на Земјата со метеоритот Мерчисон, при што се добиени слични соединенија, што дополнително ја поткрепува веродостојноста на резултатите.
































