Во рамките на богатата културна понуда на Град Скопје како европска престолнина на културата 2028 и во рамките на „Бела ноќ 2025“, „Ко-ра“ поканува на отворањето на самостојната ретроспективна изложба на цртежи и на графики „Рапсодија на бои“ по повод 50 години творештво на Зоран Лазаревски. Изложбата ќе биде отворена денеска во 20 часот, во галеријата „Ко-ра “ – голем салон, ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје.
Зоран Лазаревски е роден на 29.7.1949 година во Скопје. Завршил училиште за применета уметност „2 Август“ во Скопје, 1965-1970 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1975 година, во класата на професор Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика. Член е на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал на повеќе места – Скопје, Струга (1993), Струмица (1993 и 2023). Учествувал на сите групни изложби што ги организира ДЛУМ во земјата, но и надвор од земјата. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата „Графика на Белградскиот круг“ во 1976 година, признание на „Ликовни средби“ во Суботица истата година, откупна награда на Музејот на современата уметност „Млада генерација 77“, повеќе откупни градски награди од општински и републички карактер, како и награда на библиотеката „Св. Климент Охридски“ и „ДЛУМ-цртеж“ во 1992 година. Учесник е на првите изложби на Зимскиот салон на што ги организираше ДЛУМ. Исто така, присутен е на првото Меѓународно графичко триенале на графика што се организираше во Битола во 1994 година и е претставник на редакцијата „Нова Македонија“ за доделување на наградата на весникот „Нова Македонија“ на сите графички триеналиња во Битола. Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот „Нова Македонија“ и добитник на специјална награда по повод 60 години на весникот „Нова Македонија“ за дизајн-опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид дизајн.