Фото: „Нова Македонија“
  • Европските лидери го пречекорија предвиденото времетраење на самитот во Копенхаген, но повеќето од клучните прашања останаа нерешени

Долгогодишниот проблем на Европската Унија изразен преку определбата да се зборува за криза наместо таа суштински да се решава одново го „прогонува“ европскиот блок. Дури и со Европа под закана од беспилотни летала, воени авиони и хибридни напади, самитот во Копенхаген се најде во веќе познатиот ќор-сокак.
Лидерите зборуваа многу: Планираните два часа за прашањето за одбрана, на крајот траеја двојно повеќе. Но тоа не означи никаков пробив. На изненадување на данските домаќини, сите собрани претседатели и премиери сакаа да се изјаснат, а многумина отидоа подалеку од своите подготвени изјави, според тројца функционери информирани за дискусијата зад затворени врати.
Реалноста во салата за самит, во мирната околина на палатата Кристијансборг во Копенхаген, замок чии корени датираат од 1167 година, беше во остра спротивност со сè поитниот тон заземен од европското раководство.
Пошироките прашања за тоа како да се постигне мир во Украина ќе имаат потреба од поддршка од сили надвор од ЕУ, но лидерите велат дека се решени во меѓувреме да ја зајакнат одбраната на блокот.
Меѓу предлозите што беа предмет на дебата се најдоа создавањето „ѕид од беспилотни летала“ што би воспоставил мрежа за откривање и соборување непријателски беспилотни летала, како одговор на упади во полскиот и романскиот воздушен простор, идејата да се искористат 140 милијарди евра руски средства замрзнати во Европа откако избувна војната во Украина во 2022 година, за да се испратат до Киев, и промената на правилата на ЕУ за да се овозможи апликацијата за членство на Украина да продолжи, и покрај приговорите од Унгарија.
Во пракса, имаше мал напредок по кое било од овие прашања, според службениците запознаени со дискусиите на лидерите. Згора, нејасно е дали некој од тие планови ќе биде подготвен за потпишување кога 27-те лидери ќе се сретнат следниот пат во Брисел на крајот на месецов. Прашања што сè уште остануваат неизвесни и нема доволно време да се разработат, рекоа тројцата дипломати и службеници.

– Не се очекуваше дека ќе се донесе одлука за овие работи прекуноќ, тоа се сложени прашања што допираат до националниот суверенитет – рече функционер информиран за лидерските дискусии.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој претседаваше со состанокот, рече дека седницата била итно потребна „за да се подготват одлуки за безбедноста на нашиот континент“ и дека лидерите треба да бидат подготвени да се согласат за нив за само три недели.
Вториот дел од агендата, фокусиран на поддршката за Украина, беше одложен и „стиснат“ во времетраење од само еден час. Кошта притоа требаше да ги презентира многу фалените планови, првично објавени од „Политико“, за поедноставување на правилата на ЕУ, за забрзување на процесот на пристапување на Киев и за заобиколување на ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан.