Промовирана е книгата „Драмолетање“ во издание на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Четири драми избрани од првиот повик и пичинг-форум, кој се организираше во рамките на 59-то издание на фестивалот, се застапени во ова важно издание за македонската драматургија. Станува збор за „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески. Секој од овие текстови претставува оригинален авторски глас и отвора сопствено сценско истражување – од интимни и егзистенцијални прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд. Со оваа книга започнуваме да градиме архив и сведоштво за новата македонска драма – чекор кон нејзина поддршка, афирмација и присуство на сцената.
– Со оваа селекција не сакаме само да претставиме избор од новата македонска драматургија туку и да создадеме архив и сведоштво за еден процес што започнува. А со оваа книга, за првпат публиката ќе има можност да ги прочита овие текстови што го отвораат патот за нови авторски гласови и современи сценски идеи. „Драмолетање“ за нас претставува значаен чекор во поддршката и афирмацијата на новата македонска драма. Со оваа иницијатива целиме да создадеме платформа што го поттикнува развојот на драмата и нејзиното присуство во театарската сфера – информираат од македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
„Драмолетање“ е новата платформа на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ посветена на современата македонска драма. Создадена со цел да им даде простор на авторите, таа отвора можност нивните текстови да го најдат својот пат до сцената.