Фото: „Нова Македонија“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го посети Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје по повод успесите на учениците и нивните ментори на две олимпијади по хемија оваа година од кои се вратија со медали.

На Меѓународната олимпијада по хемија во Дубаи, матурантите Марио Ванчоски и Петар Мирчевски освоија сребрен односно бронзен медал, како и една пофалница – за Теона Ана Георгиевска, а на најстарата олимпијада по хемија – „Менделеев“ во Бело Хоризонте во Бразил, тие се вратија со два бронзени медала.

Првпат по 11 години од учествата на Сојузот на хемичарите и технолозите од Македонија на меѓународните натпревари, Министерството за образование и наука годинава им ги покри трошоците за нивното учество.

Министерката Јаневска рече дека денешниот настан е организиран за да се уважат младите кои освојуваат медали на меѓународни олимпијади каде што, рече, постигнуваат извонреден успех. Соопшти дека се подготвува концепција за талентирани ученици.

– МОН ги поддржува талентираните луѓе и оваа година ги покри сите трошоци за учество на една олимпијада, а, пак, учениците ќе имат можност да аплициаат за да си остварат дополнителни права за талентирани ученици. Министетството и во иднина ќе продолжи да ги спонзорира и мотивира најумните деца од Македонија. И не само нив, и сите останати со сите можности што ги има на располагање. Дополнително од тоа што ќе ги покриеме трошоците на учениците и нивните ментори, во моментов се изработува и концепција за талентирани, што значи особено внимание ќе обрнеме на оние деца кои всушност ја претставуваат оваа земја, а овој момент се најдобрите амбасадори на нашата татковина – изјави Јаневска.

Проф. д-р Муха Буклески од Институтот за хемија, ментор и одговорен за селекцијата на учениците за учество на олимпијадите по хемија, рече дека е големо олеснување за нив што го немале финансискиот товар како во минатите учества на меѓународните натпревари.

– Сојузот на хемичарите и технолозите е организацијата којашто ги праќа на овие натпревари, оваа беше веќе 11-та година што праќаме ученици, а прва година кога целосно беа покриени трошоците за пат и котизација на четворицата ученици кои отпатуваа во Дубаи и на двајцата ментори. Тоа претставуваше огромно олеснување за организацијата и за Сојузот на хемичарите кој претходно, секоја година, мака мачеше со обезбедување финансиски средства. Се надеваме дека ова е веќе надминато и дека во иднина нема да имаме проблеми од овој тип и ќе се фокусираме на подготовките и постигнувањата на уште подобри резултати од овие што ги остваривме, без оптоварувањата од финансиска природа – изјави Буклески.

Марио Ванчоски, кој со два освоени медала во Дубаи и во Бело Хоризонте годинава, од утре ќе ги почне студиите на Институтот по хемија, изјави дека и кај нас има добри услови и очекува добро образование.

– Сметам дека и тука, во Македонија, има многу добри услови за студентите и дека ќе имам добро образование и овде, во Скопје – рече Ванчоски.

Деканот на ПМФ Даворин Трпески искажа благодарност на МОН затоа што, рече, се надмина голем и горлив проблем за нашите олимпијци.

– Бидејќи навистина тоа беше товар за нашите сојузи по математика, хемија, биологија итн. Но, овојпат, Министетството смогна сили и овој повеќегодишен проблем е веќе надминат и нашите олимпијци можат понатаму, наредните години, да бидат сигурни дека ќе бидат финансирани од Министерството. Се разбира, ПМФ и натаму стои зад нив и ги помагаме со капацитети, лаборатории и со сите ресурси коишто се потребни за спремање на нашите олимпијци – рече Трпески.

На новинарско прашање за интересот за студирање на Природно-математичкиот факултет, тој одговори дека  во последните години е „константен и е прилично паднат“.

Како што рече, добро стојат со некои насоки кои се применети, додека за наставните насоки кои се субвенционирани „сè уште не може да се пофалиме дека има значителен број на студенти“.

– Освен наставната насока за математика, каде што се запишаа околу 15 студенти, останатите наставни насоки се со едноцифрен број, што е лошо за иднината на македонското образование, за основното и средното, бидејќи капацитетите коишто треба да ги црпиме едноставно ќе се намалуваат – рече деканот на ПМФ.