Париз би сакал пресвртница во глобалната дипломатија со признавањето на палестинската државност

  • Со француското признавање на државноста на Палестина на состанокот во ОН во понеделникот, Макрон би сакал да направи пресвртница што би можела да го зајакне пропалестинскиот кампус. Но, реално, се чини оти тоа нема да промени многу во фактичката состојба на теренот

Десетици лидери на одделни држави во Обединетите нации (ОН) ја прифатија идејата за постоење на палестинска држава. Но тоа не претставува значајна промена во глобалната дипломатија речиси две години по избувнувањето на војната во Газа. Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека Франција ќе ја признае државноста на Палестина на состанокот што го свика со Саудиска Арабија, со што сака да одглуми светски лидер и да направи потег со кој тој би сакал „пресвртница што би можела да го зајакне палестинскиот морал“. Но на теренот на глобалната игра се чини оти тоа нема да промени многу во фактичката состојба, во која Израел настапува од позиција што моќни светски центри (во прв ред САД) ја поддржуваат.

За потсетување, со таквата јавно изразена поддршка, Израел неодамна го почна долго најавуваниот копнен напад врз градот Газа, со малку изгледи за прекин на огнот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги отфрли многубројните повици за прекин на кампањата сè додека Хамас не биде уништен и рече дека нема да признае палестинска држава.

Францускиот претседател Макрон изложи предлог за обновена палестинска власт во Газа

Во Обединетите нации во Њујорк, Макрон изложи „рамка за обновена палестинска власт“ според која Франција ќе отвори амбасада, во зависност од реформите, прекинот на огнот и ослободување на сите преостанати заложници земени од Израел и држени од Хамас во Газа.

Се очекуваше Андора, Белгија, Луксембург и Сан Марино исто така да ја признаат палестинската држава пред Генералното собрание на ОН неделава. Малта и Монако ја признаа државата Палестина во понеделникот, а Велика Британија, Канада и Австралија (кои исто така на маргините на самитот во ОН изјавија дека ќе следат) го сторија тоа во неделата.

За издвојување е дека Германија долго време е силен поддржувач на Израел. Но Берлин во последно време стана покритичен кон израелската политика, инсистирајќи дека признавањето на палестинската држава треба да дојде на крајот од политичкиот процес за договор за решение за две држави. Од друга страна, официјална Италија изјави дека признавањето на палестинската држава може да биде „контрапродуктивно“.

Израел и САД го бојкотираа состанокот во Њујорк

Израел и САД го бојкотираа состанокот во ОН во понеделникот. Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, изјави дека Израел ќе разговара за тоа како да одговори на најавите за признавање откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе се врати од САД во Израел следната недела.
– За овие прашања требаше да се преговара меѓу Израел и Палестинците во иднина – изјави Данон за новинарите пред состанокот.

Беше предвидено Нетанјаху да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп завчера во Вашингтон, пред да се врати во Израел. САД претходно им порачаа на другите земји дека палестинското признавање ќе создаде повеќе проблеми, како што изјави државниот секретар Марко Рубио месецов. САД исто така предупредија на можни последици за оние што преземаат мерки против Израел.

Властите во Израел истакнаа дека потезите за признавање на палестинската државност ќе ги поткопаат изгледите за мирен крај на конфликтот. Изразено десничарската влада на Израел соопшти дека нема да има палестинска држава додека продолжува со својата борба против Хамас во Газа, по нападот на палестинската милитантна група врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
– Тие ќе зборуваат за палестински сон, а ние ќе продолжиме да градиме еврејска реалност. Оваа реалност е она што трајно ќе ја закопа идејата за палестинска држава, бидејќи нема што да се признае – изјави минатиот месец израелскиот министер за финансии Безалел Смотрих. Р.С.


Апел на палестинскиот претседател Махмуд Абас преку видеоврска
Палестина повикува на признавање

Ги повикуваме оние што сè уште не го сториле тоа да го сторат тоа, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас преку видеоврска, бидејќи не можеше да присуствува во ОН откако му беше одбиена виза за влез во САД.
– Апелираме за ваша поддршка за Палестина да стане полноправна членка на Обединетите нации – додаде тој, ветувајќи реформи и избори во рок од една година од прекинот на огнот.

Делегацијата што ја претставува Палестина има статус на набљудувач во Обединетите нации, без право на глас. Во услови на интензивирана офанзива на Израел во Газа и ескалација на насилството на Западниот Брег, кај некои нации расте чувството на итност да дејствуваат пред идејата за решение за две држави да исчезне засекогаш, наведуваат светските медиуми. Без разлика колку земји ја признаваат палестинската независност, полноправното членство во ОН ќе бара одобрение од Советот за безбедност, каде што САД имаат право на вето.

Решението за две држави беше темелот на мировниот процес поддржан од САД, воведен со договорите од Осло во 1993 година. Процесот претрпе силен отпор од двете страни и речиси замре. Вакви преговори за решение за две држави не се одржани од 2014 година. Р.С.


Каков би можел да биде израелскиот одговор?

Што би значело анектирањето на Западниот Брег кон Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги удвојува напорите за да се осигури дека палестинската државност никогаш нема да се оствари. Наједноставниот начин да се направи тоа е да се забрза изградбата на израелски населби во Западниот Брег, додека потврдокорните израелски министри исто така повикуваат на целосна анексија на територијата. Израелскиот премиер во неделата имаше остра порака до Велика Британија, Франција, Канада и Австралија и другите западни земји што му се приклучуваат на мнозинството во Обединетите нации за признавање на палестинската државност.
– Тоа нема да се случи. Нема да има палестинска држава западно од Јордан – нагласи Нетанјаху.

Сè уште е неизвесно како точно Израел ќе одговори на зголемениот дипломатски притисок, при што размислува и за специфични билатерални мерки против Париз.
Израелскиот одговор речиси сигурно ќе се фокусира на изградба на повеќе населби и проширување на областите на воена контрола на Западниот Брег, што ќе ги фрагментира палестинските заедници на сè помали „острови“. Но, анексијата би можела да се врати како бумеранг и да ги отуѓи земјите како што се Обединетите Арапски Емирати, глобална нафтена сила и трговски центар со широко дипломатско влијание низ целиот Блиски Исток. ОАЕ, најистакнатата од арапските држави што ги нормализираа односите со Израел според Абрахамовите договори посредувани од САД во 2020 година, изјавија дека таков потег би го поткопал духот на договорот.

Се смета оти Израелците се тие што ја имаат моќта да ја направат палестинската државност невозможна со забрзување на изградбата на населби. Целта е да се осигури дека не може да има кохерентни граници што дефинираат нова палестинска држава. Р.С.