Пиколоминчиња и наполеончиња му го украдоа огнот на Господ за да ја спалат Македонија

  • Ете, таа неказнивост уште од 1991 година, кога отиде во пепел дел од архивите на МВР, на Министерството за одбрана, на Министерството за екологија… нѐ доведе до овде. Да шири терор и страв, да нѐ загадува, да нѐ труе, да сака да нѐ протера од земјата што е наречена убавица на светот, папокот на светот, а некој да сака да нѐ исели од овде. Дали и ова е смислено, дали и ова е нечие сценарио? За кого е стокмена Македонија? Додека размислуваме за ова, да се потсетиме колку нови станови се градат (за кого, мајката, кога народот, кога децата ни се иселуваат, и тоа масовно), да се потсетиме дека неказнивоста или селективната правда е неправда и оти со таков однос на системот се отвораат портите кон пеколот. И да, Македонија гори, а обвинителството се чешла

Огнот е нашиот излез од темнината. Огнот е привилегија на домот – топлина и љубов. Огнот е страст, ритуал, метафора, приближување до Господ. Палиме огнови на Прочка за да го истераме злото околу нас, гориме прачки по кастрење на овошките за да биде годината плодна. Треба да знаеш како со огнот и да имаш почит кон пламенот.
Доколку ги немаш тоа чувство и таа мерка, исчезнуваш во чадот. Затоа, деца не си играат со оган!

Има магија во огнот, во пламенот, тоа е потврдено. Кога огнот ќе изгасне, во пепелта светкаат искрички како ѕвезди на ноќното небо. Тоа е магија, еден вид спојување со вселената каде што припаѓаме, каде што сме мали, едвај видливи. Но, некој со огнот сака да стане голем, да биде видлив, да ја покаже својата моќ. Како Наполеон, кој, сепак, не успеал да слави влегувајќи во Москва по битката кај Бородино на 14 септември 1812 година, затоа што Русите самите ја запалиле Москва, за таа да не биде дадена како воен плен. Потоа следува еден од најголемите воени порази, а ќе го забележат Наполеон и неговите мултинационални воени сили. Пиколомини во 17 век ќе го запали Скопје до темел. Кој сака да си игра Пиколомини четири века по Пиколомини? Мојот одговор е – многумина. Многумина би го сакале Скопје како плен. Скопје, градот на седумте порти, ги посакуваат седумте клуча за царските порти, за сите седум влеза во оваа некогаш славна империјална и епископална метропола.
Скопје е подолго главен град на Македонската Империја отколку Цариград (Константинопол). Во градот што сега ни го палат се крунисувале цареви и кралеви, а потегот од денешното Кале до шумичката на Гази Баба имал неброени цркви. Јустинијан го воздигнал градот на ниво на велелепна светска метропола, која се надградила врз темелите на претходните градски темели еднаш целосно разурнати од катаклизмичен земјотрес. Тоа што денес врз тие славни градби плански градени повеќе од 6.000 години никнале ѓубришта и отпади е само доказ дека малку сме залутале во историјата, едноставно сме се изгубиле во новото време, сме изгубиле контакт со самите себе и со нашата историја и сме се залетале по новото, притоа губејќи секаква смисла за убавото, за естетиката, за она што било урнек на нашиот град насекаде во стариот свет.

Што беше тоа естетика, што е живеење во убава средина? Погледнете си во своите дворови, пред влезовите на вашите згради, пред автобуските постојки, во училишните дворови… Овде веќе не живее цивилизиран народ, туку некое племе, орда, која нема чувство за припадност. Можеби ова не е точно, но самата слика наведува на ваква помисла. Затоа, простете ми на тешките зборови, сакам да поттикнам на размислување, на разумност, на акција. Иако, зборовите мои можат да бидат уште потешки.

Кој го пали Скопје, кој ја пали државата? Кој сака да ја запали и спали Македонија? Еве еден пример од Сиднеј, Австралија. Таму прочитав нешто за мене шокантно – постол еден систематски процес на „труење на дрвјата“, и тоа само во одредени региони на тој мегалополис. По детални истраги било утврдено дека зад тоа труење со хемиски препарати на огромни ендемски еукалиптуси стоела некојаси урбана мафија чија цел е да се уништат дрвјата за тие да можат да кренат згради. Дали можеме да направиме некаква паралела со Скопје? Не кршете си ја главата, секако дека можеме, па тоа јавно се зборува. Изгоре објектот на поранешен Урбанизам, каде што се чуваа макети од Скопје, но и архивски документи за архитектурата и просторното планирање на Скопје, но сето тоа изгоре во страста на некое „пиколоминче“ да ништи и ништејќи да ги полни џебовите. Бабите викаа „да му се најдат за оној свет“. И никна „уште поубав Дубровник“ на местото каде што беше Заводот за урбанизам и малку се зголеми габаритот со нешто што на градот апсолутно не му беше потребно. Не знам што покажа истрагата за тој пожар. Не знам што покажа истрагата за пожарот во некогашна „Треска“ и за многу други. Изгоре и една штала кај железничката станица во Ѓорче Петров, изгореа човек и неговите крави. Што докажа истрагата? Некако тешко се докажувале пожари?! Изгоре и скелетот на Универзална сала, кутрата само што почна да се обновува, да ја токмат како едно бисерче за проектот „Скопје, културна престолнина на Европа 2028“. Ќе остане запаметена реченицата на командирот на Пожарната – не стигнавме навреме оти имаше многу непрописно паркирани возила! И ден-денес има многу непрописно паркирани, па по некоја аналогија можеме да заклучиме дека е можно трагично повторување на настаните. Кој е надлежен за тој проблем? Јас немам поим, мислам дека нема надлежни, туку само понекој пајак селективно собира непрописно паркирани, но тоа е во зона до Рузвелтова, по неа кон Влае и Ѓорче абер немаат. Карпош не личи на Карпош. Жално!
Да, да, се палеа и автомобили, а во Пинтија и автосервис. Снимен на камера, а истрагата трага по сторителот. Браво. Интересен е почетокот на овие палежи, на ова бришење на трагите, на историските патеки на една држава што од самиот старт на осамостојувањето имаше еден куп диверзии и диверзанти. На пример познат е случајот со палење на архивите на МВР наводно од страв дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт. Кој го расчисти тоа? Никој. А ВМРО, сепак, дојде на власт. Какви архиви отидоа во пепелта? Зарем е важно тоа? Било па поминало. Изгорена е документација во Министерството за одбрана, чинам дека тогаш беше министер професорот Бучковски. Сомнителен настан. Изгоре архива во Министерството за екологија.
Сомнителен акт. И еве ја дотуркавме некако во 2025 година да го палат Скопје, да има пожари во две третини од територијата на Македонија. Јавно се кажува дека најголемиот дел од пожарите се подметнати. Во ред, има приведени, има истраги.

Чекаме! А што со пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што имаше жртви, каде што изгореа тешко заболени пациенти, болни на кислородна поддршка што пламнаа, а нивните семејства ја чекаат правдата. „Пулс“, 62 жртви и многу повредени. Обемна истрага, и за тој случај ја чекаме правдата. Трубарево – изгоре депонија во која се оставале електронски отпад и литиумски батерии сретсело, до училиште (море, улав народ!). Гори Дрисла, гореше Јасен, кај Дојранско Езеро… Гори Македонија, а обвинителството се чешла! Дали ни се случува ова? Дали на крајот „палејќи ги јорганите за да се отепаат болвите“ ќе изгори во ова непостапување и самото обвинителство?

Ова нашево сега што ни се случува, по таканаречената мирна транзиција на власта во мај 2024 година, личи на судир на два концепта, нешто слично на она што го гледаме на глобален план – десниот суверенистички концепт против либералниот глобализам. На силите што историски се во заминување (неолибералите) и на силите што доаѓаат, конзервативците. Јасно е дека во тие матни води мафиите и мафиичките ќе сакаат да профитираат, тоа било од памтивек, но се прашувам – кој ќе победи во трката за да го освои пленот Македонија.

Дел од одговорите ќе добиеме на локалните избори, за кои, за жал, во кампањата се наметнуваат прашања за кои се оди на психијатар каде што се лекуваат етнички комплекси и кога некои политички центри упорно сакаат да ги фрлат во оган. На граѓаните им требаат одговори, ефикасни институции, правда. Јас сум убеден дека по оваа кампања на палежи, уште поголем број семејства размислуваат да се иселат. Па, кој би живеел во средина каде што е опасно да се отвори прозорец затоа што смрди, затоа што има енормно загадување, затоа што државата нема приоритет ниту да набави асолни лаборатории и да има систем за рано предупредување. И таа неказнивоста само за случаите што сега ги спомнав во колумнава за палењата придонесе секој да си игра со кибритот затоа што знае дека нема да биде фатен или не е загрижен зашто казните се мали. Кога зборуваме за ѓубрето, да го земеме примерот со Неапол, каде што градските власти се соочиле со купишта ѓубре на улиците, оставено така да се распаѓа и да смрди затоа што имало и мафија за ѓубре. Да се земе пример од Неапол како е решено тоа. Да се земе пример од градови каде што нема оставање ѓубре на јавен простор, каде што контејнерите се невидливи, затскриени, каде што не може секој да ги отвора и да претура. Ние да го оставаме ѓубрето во контејнер, а потоа некој да ни го враќа тоа назад и да го пали?!

Ете, таа неказнивост уште од 1991 година, кога отиде во пепел дел од архивите на МВР, нѐ доведе до овде. Да шири терор и страв, да нѐ загадува, да нѐ труе, да сака да нѐ протера од земјата што е наречена убавица на светот, папокот на светот, а некој да сака да нѐ исели од овде. Дали и ова е смислено, дали и ова е нечие сценарио? За кого е стокмена Македонија? Додека размислуваме за ова, да се потсетиме колку нови станови се градат (за кого, мајката, кога народот, кога децата ни се иселуваат, и тоа масовно), да се потсетиме дека неказнивоста или селективната правда е неправда и оти со таков однос на системот се отвораат портите кон пеколот.

Тоа што сега јавноста го очекува е победа на системот над силите на злото (кои водат хибридна војна, специјална војна, спреги против државата), тие да бидат идентификувани, лоцирани и елиминирани. Македонија мора да биде мапирана по сите нишани и по хоризонтала и по вертикала, и подземја и надземја, за во иднина наместо да се гасат пожари, да бидат изгасени поттикнувачите. Тоа е пораката од искрите од пепелиштата на сите овие подметнати пожари, за кои се потрошија огромни човечки ресурси, пари, саможртви и висок професионализам кај поединци и одредени владини сегменти.

Да повторам, за да не се заборави: „Македонија гори, а обвинителството се чешла“! До кога?