Фото: ЕПА

ЕП 2025 ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ

Во големото финале на ЕП 2025, Германија славеше во финалето со Турција со 88-83 и сега е актуелен планетарен и континентален шампион

Германија е нов европски првак во кошарка откако ја победи Турција во возбудливото финале со 88-83, во Рига (Летонија), и вторпат на европските првенства (ЕП) се искачи највисоко на подиумот. Актуелниот светски првак од 2023 година триумфира на ЕП во 1993 година, на свој терен. Турција го израмни својот најдобар резултат на ЕП, поставен во Истанбул во 2001 година. Во возбудливо и неизвесно финале имаше 15 промени во водството, а резултатот беше изедначен 11 пати, при што ниту една репрезентација не успеа да обезбеди доволна предност за мирен финиш на мечот. Германија е четвртата репрезентација што истовремено ги има двете титули, светската и европската.
– Заостанувавме 24 минути, а секојпат кога се враќавме Турција имаше одговор. Но, ова е квалитетот на овој тим, кој е неверојатно талентиран, никогаш не паничевме и не бевме нервозни. Знаевме дека во критичните моменти нашиот капитен Анди, Бонга, Даниел ќе го погодат својот шут, а тоа е квалитетот на овие луѓе – рече по мечот тренерот на Германија, Алан Ибрахимагиќ, кој ја презеде функцијата по здравствените проблеми на селекторот Алекс Мумбру, пренесе Светската кошаркарска федерација.

Исак Бонга е играч на финалето со 20 поени и пет скока, пишува Светската кошаркарска федерација. Тој влезе во историја на ЕП како прв добитник на наградата за најдобар одбранбен играч, откако ја предводеше одбраната со 1,4 украдени топки и шест блокади на девет натпревари. Младиот Мика Муринен (18) им даде голем енергетски поттик на Финците и е прогласен за играч во подем (просек од 6,6 поени со шут 60 отсто, вклучувајќи шест од 17 од далечина, 1,9 скока по меч за 11 минути, како и три украдени топки и пет блокади). Ергин Атаман (Турција) е прогласен за најдобар селектор на ова ЕП. Во мечот за третото место, Грција оствари драматична победа со 92-89 на дуелот со најпријатното изненадување на ЕП 2025, Финска, за прв медал на ЕП по 16 години. Најефикасен кошаркар на шампионатот е Словенецот Лука Дончиќ (243 поени, во просек 34,7 по меч), а од репрезентациите Германија (811 коша, 101,4 по натпревар). Капитенот Денис Шредер (32) е третиот Германец кој беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на ЕП (претходно Крис Велп во 1993 година и Дирк Новицки во 2005-та). Шредер на ЕП 2025 имаше просек од 20,3 поени, 3,4 скока, 7,2 асистенции и 0,8 украдени топки, а во најдобриот состав на ЕП 2025 му се придружија неговиот соиграч Франц Вагнер, Алперен Шенгун (Турција), Јанис Адетокунбо (Грција) и Лука Дончиќ (Словенија).

Пласман на ЕП 2025: Германија, Турција, Грција, Финска, Литванија, Полска, Словенија, Грузија, Франција, Србија, Италија, Летонија, БиХ, Израел, Португалија, Шведска, Шпанија, Белгија, Естонија, Црна Гора, В. Британија, Исланд, Чешка, Кипар.
ЕП 2029 ќе се игра во Естонија, Грција, Словенија и во Шпанија. Г.И.