АТЛЕТИКА – СП 2025
Условите за трчање беа мошне тешки поради високата температура и влажноста на воздухот, а за тоа најдобро говори фактот што на целта стигнаа 66 маратонци, откако трката ја почнаа 90
Најдобриот македонски маратонeц Дарио Ивановски го освои 58-то место на Светското првенство (СП) во атлетика, кое се одржува во Токио (Јапонија). Условите за трчање беа мошне тешки поради високата температура и влажноста на воздухот, а за тоа најдобро говори фактот што на целта стигнаа 66 маратонци, откако трката ја почнаа 90.
Златниот медал на годинашниот Мундијал во возбудлив финиш му припадна на Танзаниецот Алфонс Феликс Симбу, кој беше втор на маратонот во Бостон (САД) годинава. Втор е Германецот Аманал Петрос, кој златото го загуби во последните 60 метри, а бронзата му припадна на Италијанецот Илијас Ауани.
Македонска атлетичарка на долги патеки Адријана Поп Арсова, која на СП 2025 настапи еден ден претходно, на маратонската трка во Токио го освои 62-то место, од 73 пријавени натпреварувачки. Македонија нема други атлетичари на СП во Токио. Г.И.