Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА НА ЛИГАШКИОТ ДЕЛ

За титулата европски првак се игра од 1955 година. Сезонава е 71., втора според новиот формат со 36 тима. Трофејот го брани Пари сен Жермен, има четири дебитанти, првпат учествуваат победниците на трите европски купа од минатата сезона, настапуваат 14 клуба што досега ја освојуваа континенталната титула…

Лигашката фаза на најстарото континентално клупско натпреварување во светот, Лигата на шампионите (ЛШ), почнува денеска со првите шест средби од првото коло. Сезоната почнува со дуелот на еден од четирите дебитанти, Унион СГ, кој гостува кај ПСВ Ајндховен и со средбата Атлетик Билбао – Арсенал, (двете од 18.45 часот), а вечерва, од 21 часот, на програмата се и средбите на првиот европски првак и најтрофеен клуб во ова натпреварување, Реал Мадрид, кој го пречекува Марсеј, потоа Јувентус – Борусија Дортмунд, Бенфика – Карабах и Тотенхем – Вилјареал.

Лигата на шампионите, тогаш како Куп на европските шампиони (КЕШ), почна да се игра во 1955 година, а веќе во првиот меч имаше многу голови, откако во Лисабон, на 4 септември, Спортинг и Партизан одиграа нерешено, 3-3. Првичниот поттик за натпреварувањето дојде од реномираниот француски дневен спортски весник „Л’екип“ и неговиот уредник Габриел Ано, поранешен фудбалер, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во првата сезона учествуваа 16 клуба, избрани од организаторите.
Клубовите го поздравија проектот со ентузијазам, па „Л’екип“ ја претстави идејата до Светската фудбалска федерација (ФИФА). Одговорот беше позитивен, но ФИФА истакна дека организацијата на такво натпреварување не е во нејзина надлежност, пишува УЕФА. Следната станица на весникот беше новоформираната УЕФА, која беше основана во јуни 1954 година и која го одржа својот инаугуративен конгрес во Виена во март 1955 година, кога весникот беше на самото место за да го презентира проектот пред националните асоцијации на Европа, кои одговорија дека е до „асоцијациите да им дадат дозвола на своите клубови да учествуваат во таков настан“.
– „Л’екип“ ги собра вклучените клубови на состанок во Париз на 2 и 3 април 1955 година, по што беа одобрени нацрт-правилата. УЕФА на состанокот на својот Комитет за итни случаи во Лондон на 6 и 7 мај 1955 година одлучи да испрати писмо до ФИФА со кое побара ФИФА да „ги испита условите за организација на такво натпреварување, за да се осигури дека е во согласност со меѓународните правила што ги регулираат одговорностите на националните асоцијации‘“ – пишува УЕФА. ФИФА реагираше позитивно на барањето на УЕФА и беше упатена покана до Европската фудбалска унија да го организира натпреварувањето, под услов засегнатите национални асоцијации да дадат согласност. УЕФА ги покани своите асоцијации да ги пријават своите шампионски клубови и им даде приоритет на клубовите поканети од „Л’екип“, а се основа и организациски комитет на Европската фудбалска унија. Екипите што настапија во првото коло беа Архус, Андерлехт, Ѓургарденс, Рот-вајс Есен, Гвардија Варшава, Хибернијан, Милан, МТК Будимпешта, Партизан, ПСВ Ајндховен, Рапид Виена, Реал Мадрид, Ремс, Сарбрикен, Сервет и Спортинг.

Сезонава е 71., во која ќе играат 14 поранешни европски прваци и веќе во првото коло има четири дуели на некогашни континентални шампиони, и тоа Јувентус – Борусија Дортмунд, Реал Мадрид – Марсеј (двете средби се вечерва), Ајакс – Интер и Баерн – Челси (двата меча се утре).

Титулата ја брани Пари сен Жермен. Ќе настапат четири дебитанти, и тоа Бодо (Норвешка), Каират (Казахстан), Пафос (Кипар) и Унион СГ (Белгија). Првпат сезонава во Лигата на шампионите ќе учествуваат победниците на трите европски купа од минатата сезона, и тоа Пари сен Жермен (ЛШ), Тотенхем (Лига Европа) и Челси (Конференциска лига).

Ова ќе биде втора сезона во која ќе се игра со новиот формат, со учество на 36 тима во една лига (порано тимовите беа поделени во групи), во која секој клуб ќе одигра осум натпревари (по четири дома и на гости), и тоа со по два тима од секој од четирите барабани формирани пред ждрепката. По осум кола најдобрите осум екипи ќе се пласираат во осминафиналето, каде што ќе им се приклучат победниците на пелјоф-дуелите, во кои ќе настапат екипите од деветтото до 24-то место на табелата. Сезонава првпат во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување ќе има шест тима од една земја, откако од Англија ќе играат Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити, Челси, Њукасл и Тотенхем.

Новиот европски првак ќе добие право да игра за четири нови меѓународни трофеи, и тоа за нова континентална титула, откако автоматски ќе се пласира во Лигата на шампионите за сезоната 2026/2027, потоа во 2026 година ќе настапи и во Суперкупот на УЕФА и во Интерконтиненталниот куп на ФИФА, а во 2029 година ќе игра на клупското Светско првенство. Н.М.