Во преполниот салон на македонскиот КИЦ во Белград, пред многубројна публика, претставници на дипломатскиот кор, на македонската заедница во Србија и на белградската академска и уметничка средина, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, одржаа свечен празничен концерт со Скопскиот дувачки квинтет, кој предизвика силни емоции и долги аплаузи. Во состав на Скопскиот дувачки квинтет настапија: Марија Јакимовска, флејта; Васил Атанасов, обоа; Ристо Ѓоревски, кларинет; Орце Ицковски, фагот и Александар Гошев, хорна, а на програма беа исполнети дела од Хајдн („Дивертименто“), Фаркаш („Унгарски танци“), Бизе („Кармен“) и повеќе македонски композиции и обработки од Бранѓолица („Три пиеси“), Прокопиев („Суита“, „Лабин и Дојрана“), Агостини („Суита Македонија“), Смокварски („Тешкото“).
Внимателно одбраната музичка програма за овој повод, во која доминираа теми од современото македонско музичко творештво и обработките на традиционални македонски музички теми, вистински ја одушевија белградската публика и создадоа вистински македонски амбиент во просторот на КИЦ во Белград.
Во КИЦ-Белград, во рамките на чествувањето и одбележувањето на Денот на независноста, отворена е и репрезентативна групна изложба од современото македонско ликовно творештво со дела на десетина познати современи ликовни уметници, под наслов „Простори на конјукција“, која се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија.