Сакаме да ги одбраниме нашиот спорт и нашата трка и затоа сакаме да продолжиме, вели директорот на трката, Гилен
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Организаторите на годинешнава велосипедската трка Вуелта (Шпанија) ја повторија својата решеност да ја завршат во Мадрид в недела, како што беше планирано, и покрај пропалестинските протести што ја прекинаа 16-та етапа во вторникот. Најновата етапа, која ја освои Колумбиецот Еган Бернал, беше скратена за осум километри поради протести насочени кон тимот Израел-Премиер тек. Неколку етапи од оваа трка, вклучувајќи ја и 11-та, која беше скратена без победник минатата недела, претрпеа прекини, кои директорот на трката Хавиер Гилен ги нарече „нелегални“, пишува „Би-би-си“.
– Ќе продолжиме со Вуелта, а потоа ќе ја започнеме следната етапа – рече Гилен, по скратената етапа што требаше да се вози 168 км од Појо до Кастро де Хервил.
Организаторите го одлучија победникот и ги одредија времињата на етапите порано по големиот протест на три километри пред целта.
– Не можете да ги скратите етапите, не можете да ја блокирате патеката на велосипедистите. Нелегално е, бидејќи е дефинирано како такво и во кривичниот и во спортскиот законик. Ние сме спорт, а спортот е наменет да обединува. Сè што не служи за таа цел не е поврзано со спортот. Сакаме да го одбраниме нашиот спорт, сакаме да ја одбраниме нашата трка и затоа сакаме да продолжиме – дециден е Гилен.
Гилен има свој став и за тоа дали постои план за последната етапа в недела.
– Нема план Б за стигнување до Мадрид, апсолутно нема замена на таа етапа. Трката во 2025 година е закажана да заврши со рамна етапа од 101 км, од Алалпардо до Мадрид на 14 септември – вели Гилен.
Бернал, кој возеше за Инеос Гренадиерс, ја обезбеди победата на 16-та етапа за три часа, 35 минути и 10 секунди, завршувајќи пред Шпанецот Микел Ланда (исто време), додека Французинот Брик Ролан го освои третото место со седум секунди заостанување. Двократниот победник на Тур де Франс, Данецот Јонас Вингегор, остана на врвот на генералниот пласман (61 час, 16 минути и 35 секунди), а втор е Португалецот Жоао Алмеида, кој доцни 48 секунди , додека Британецот Том Пидкок е трет, со две минути и 38 секунди зад водечкиот. Г.И.