Иницијативи

Со одлука на Бирото за развој на образованието, во новата учебна 2025/2026, во основните училишта ќе се воведе нов изборен предмет: Едукација за одржлива иднина: Поврзување на учениците со природата и животната средина.
Програмата е резултат на десетгодишната активност на „Слоу фуд училишни градини“, а прирачниците, работните тетратки и водичите ги напишаа проф. д-р Звезда Богевска и проф. д-р Маргарита Давитковска од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје. Овие едукативни материјали се направени за на учениците да им се доближат природата, храната и одржливиот начин на живеење, и тоа преку активна и практична настава.
Во време кога климатските промени се сѐ позагрижувачки, а децата сѐ помалку време поминуваат на отворено, програмата „Едукација за одржлива иднина“ нуди нов, активен пристап во образованието.
– Главната идеја беше да ги доближиме децата до природата и да ги научиме да го ценат производството на храна, како и природните ресурси, кои треба да ги чуваме – истакнува професорката Богевска.
Работните материјали за децата се резултат на повеќегодишна работа и истражување, а процесот опфати проекти со училишни градини, како и семинари посветени на нивно планирање, подигнување и одржување. Посебен фокус беше ставен и на интеграцијата на овие теми во наставните програми и нивното значење за еколошкото образование. Инаку, материјалите се наменети за учениците од шесто и седмо одделение и имаат цел да ја разбудат еколошката свест кај младите.
– Младите од најрана возраст треба да бидат запознаени со предизвиците на денешницата, особено со климатските промени и начините на одржливо живеење – вели професорката Давитковска.
Преку прирачниците, учениците ќе учат за принципите на еколошкото производство на храна, рационално користење ресурси и животен стил што ја зачувува природната рамнотежа.
Како што кажуваат професорките, програмата не се задржува на теоријата – таа овозможува практична работа и директен контакт со природата. Учениците ќе поминуваат низ целиот процес: од садење семе до берба на плодови, запознавајќи се со принципите на органското производство. На тој начин ќе научат како да ги користат природните ресурси одржливо и одговорно.
– Програмата придонесува за активно учење, далеку од традиционалните училници, комбинира теорија со пракса, развива критичко размислување и кај учениците поттикнува свесност за важноста на природата – ни рече Богевска. Дополнително, работата на отворено позитивно влијае и на психофизичкото здравје на учениците.
Најголемата вредност на програмата „Едукација за одржлива иднина“ е пристапот, кој ја зголемува љубопитноста на учениците, ја продлабочува нивната врска со природата и ги поттикнува да преземаат лична одговорност за зачувување на животната средина.
– Се надеваме дека со оваа програма ќе изградиме млади генерации што критички размислуваат, се грижат за планетата и знаат како да ги користат ресурсите без да ја нарушат природната рамнотежа – заклучува Давитковска.