Грција: Неправилности со проектите за рециклирање констатирани од надлежните на ЕУ
Европската Унија истражува потенцијална злоупотреба на најмалку 11,9 милиони евра од европските средства во проект за рециклирање во Грција, бидејќи борбата на земјата да ги исполни бриселските стандарди за управување со отпад не покажува знаци на подобрување. Истрагата следува по извештаите нарачани од ЕУ од грчки ревизори, кои открија неправилности во тоа колку чинел проектот и како се спроведува, пренесува угледниот медиум „Политико“. Еден од извештаите во кој новинарите на „Политико“ имале увид открива неколку проблеми со начинот на кој функционираат центрите за рециклирање, вклучително и целосен недостиг од контрола врз тоа што се случува со отпадот што се собира.
Истрагата на ЕУ, предводена од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, доаѓа по долготрајните проблеми на Грција со спроведувањето на законите на ЕУ за управување со отпад, што резултираше со огромни казни наметнати на медитеранската земја.
Проектот за кој станува збор е збир на „единици за рециклирање“ или киосци изградени од грчката компанија за рециклирање ТЕКСАН, кои се распоредени низ регионите Атика, Пелопонез и Крит. Локалните жители можат да добијат назад пари за рециклирање пластични, метални и стаклени предмети во овие киосци.
– Нема информации од телото за управување со отпад во Атика, ЕДСНА, за тоа што се случува со отпадот по неговото собирање, освен извештај за неговото сместување во складиштен објект во ТЕКСАН за 2023 година – се вели во извештајот што го виде „Политико“, додавајќи дека не се инсталирани сите единици за складирање.
Истрагата на ЕППО се базира на наодите од извештаите на ревизорскиот комитет, меѓу другите документи, според службено лице запознаено со случајот. Проектот од 220 милиони евра беше кофинансиран од ЕУ преку Европската оперативна програма. Во 2023 година, финансискиот ревизорски комитет изрече казна од 2,9 милиони евра за ЕДСНА, откако пронајде „сериозни неправилности“ со договорот за купување доделен на ТЕКСАН. По втората ревизија, завршена во јули и првично откриена од грчкиот весник „Катимерини“, беше изречена втора казна од три милиони евра, половина од износот на средствата на ЕУ што се користеа за центрите за рециклирање во трите региони, како што се наведува во извештајот. Р.С.
Грција е една од петте членки на ЕУ што плаќаат казни за непочитување на политиките за животна средина
Лошата практика на Грција при рециклирањето и почитувањето на законите на ЕУ за отпад е озлогласена. Според податоците од 2022 година од европскиот завод за статистика Евростат, стапката на рециклирање комунален отпад во Грција се движела околу 17 проценти, во споредба со просекот на ЕУ од 49 проценти. Грција е исто така на добар пат да не ја исполни својата обврска да рециклира 55 проценти од комуналниот отпад и 65 проценти од отпадот од пакување оваа година, откри Европската комисија во својот преглед на спроведувањето политики за заштита на животната средина за 2025 година. Земјата веќе „ја пропушти целта за 2020 година за рециклирање 50 проценти од својот комунален отпад со голема разлика“, се вели во извештајот. Во ЕУ, Грција е една од петте членки што плаќаат казни за непочитување на политиките за животна средина. До денес, земјата испратила околу 230 милиони евра во Брисел за да ги надомести овие прекршувања, според прегледот. Од 19 отворени прекршочни случаи против Грција за прашања поврзани со животната средина, шест се поврзани со управувањето со отпад, од нелегално депонирање до неправилна примена на законите за отпад од пакување. Р.С.