Реч на интернационалниот фестивал „Актерот на Европа“
Честопати Балканот го идентификуваат со мозаик на народи, јазици, религии, хетерогени традиции. Но поимот мозаик ги претставува и поимите фигура, пејзаж, хомоген предмет, но исто така и поимот претстава. По толку многу премрежиња поминати неодамна, што претставува зборот Балкан во ова лето 2003-та? Дали сѐ уште има некоја смисла? И што е посебно важно – дали има иднина, која и каква би била неговата дефинитивна форма или содржина? Притоа немаме намера на оваа форма или фигура да ѝ припишеме некаква вештачка целина, напротив, таа треба да биде синоним на единство, на зближување, со оглед дека не може да се постигне совршено заедништво. Но културата е во состојба да ѝ даде еден можен напредок, димензија, хоризонт и правец. Географските и историските граници разграничуваат и одвојуваат, да не речеме, спротивставуваат. Култикултурата пак, а ова е единствена средба, размена, споделба, спојување, на сличностите но исто така, тоа е една карактеристика апсолутно својствена за културата – спојување на разликите.
На овој план, иницијативата на Македонија да го организира фестивалот „Актерот на Европа“ на Преспанско Езеро, кое се наоѓа на границата на три земји, три истории: македонската, албанската и грчката – на една најчувствителна точка, со оглед дека е и најноваторската точка на балканскиот мозаик. Покрај учесниците на овие три земји, учеството на Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Црна Гора, Романија, но исто така на Франција и Белгија, ќе претставува вистинско манифестирање на голема Европа. Овие земји не доаѓаат на брегот на Преспанско Езеро за да се спојат или да се измешаат едни со други, туку напротив, за на секоја од нив да ѝ се чуе сопствениот глас – глас што ќе биде доведен да зборува или да пее заедно со други гласови.
Повторувам: ниту целина, ниту едногласие, освен во хоровите! Туку концерт и собир на различни, изворни и за многу од нив оригинални гласови. На брегот на Преспанско Езеро, мозаикот што се раздвижува оваа година, би можел да го има следното мото: Илјадници вчера, но само едно утре!
Жак Лакариер