Пријателите со вештачка интелигенција – четботови дизајнирани за лични разговори, а не само за извршување задачи – се огромен хит во Америка. За разлика од традиционалните асистенти со вештачка интелигенција, овие системи се програмирани да формираат емоционални врски со корисниците, а студија на 1.060 тинејџери на возраст од 13 до 17 години покажа дека 72 отсто користеле пријатели со вештачка интелигенција барем еднаш, додека 52 отсто користеле неколкупати. Анкетата исто така покажа дека 30отсто од испитаниците ги користат платформите затоа што „е забавно“, а 28 отсто биле водени од љубопитност за технологијата. Навиките се исто така интересни – една третина од корисниците избрале да разговараат за сериозни прашања со придружници со вештачка интелигенција наместо со вистински луѓе, додека 24 отсто споделиле лични информации, вклучувајќи вистински имиња и локации. Можеби најзагрижувачки е што 34 проценти од тинејџерските корисници изјавиле дека се чувствуваат непријатно поради нешто што го кажал или направил придружник со вештачка интелигенција, иако таквите инциденти се ретки.
– Реалноста дека речиси три четвртини од тинејџерите ги користеле овие платформи, при што половина го прават тоа редовно, значи дека дури и мал процент што доживува штета става во опасност значителен број ранливи млади луѓе – се наведува во извештајот.
Додека половина од сите тинејџери изразиле недоверба во советите на пријателите со вештачка интелигенција, помладите тинејџери (на возраст од 13-14 години) имале поголема веројатност да им веруваат отколку постарите тинејџери (15-17 години). И покрај широкото усвојување, повеќето тинејџери одржувале перспектива за овие врски: две третини сметале дека разговорите со вештачка интелигенција се помалку задоволувачки од човечките интеракции, а 80 проценти поминувале повеќе време со вистински пријатели отколку со виртуелни пријатели.