Тимовите знаат дека имаат наша целосна поддршка и очекуваме бројот на дисквалификации значително да се намали во наредните недели, вели директорот на натпреварите на ФИС, Сандро Пертиле, пренесе АП

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – ПРВ ЛЕТЕН НАТПРЕВАР ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026

Правилниот скијачки костум може да помогне скијачкиот скокач да се искачи до златото, погрешниот костум ќе ве казни. Скијачките скокови се соочуваат со нови контроверзии шест месеци пред почетокот на Зимските олимписки игри (ЗОИ), откако на првото натпреварување на високо ниво во новата сезона беа дисквалификувани голем број спортисти поради несоодветни костуми, а управното тело вели дека тоа е „сосема нормално“, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Светот на скијачките скокови беше потресен во март од откривањето нелегално изменети костуми на норвешкиот тим на Светското првенство. Интернационалната скијачка федерација (ФИС) ги истражуваше службените лица и спортистите за тие промени, кои би можеле да му помогнат на носителот да лебди во воздухот подолго со поголемата површина на костумот.
На првиот настан во сезоната 2025/2026, летното гран-при во Франција во саботата, шест скијачи скокачи беа дисквалификувани поради проблеми со костумот, како што е обемот на струкот, а на уште тројца „не им беше дозволено да почнат со настап“. ФИС наведе за АП во соопштение испратено по е-пошта дека ја третира низата на дисквалификации како природен резултат на заострувањето на правилата. Директорот на натпреварите на ФИС, Сандро Пертиле, рече дека не мисли оти некој се обидувал да измами и мисли дека ќе има помалку дисквалификации откако тимовите ќе се навикнат на правилата. Изработката на специјализирана опрема за скијачки скокови е „доста комплицирана работа“, вели тој. ФИС вели дека ќе остане ригорозна во своите проверки во текот на олимписката сезона, но очекува да види дека спортистите ќе носат сѐ потесни и, сo самото тоа, легални костуми, пренесе АП.
– Сосема е нормално тимовите да имаат потреба од некое време за да се приспособат на новата ситуација по толку сеопфатни промени во прописите за опрема. Некои се справуваат со тоа веднаш, на други им е тешко во почетокот. Важно е да се истакне и дека овие дисквалификации се јасен резултат на технички несоодветности, нема никакви знаци за лоша намера од тимовите, кои знаат дека имаат наша целосна поддршка и очекуваме бројот на дисквалификации значително да се намали во наредните недели. Ќе останеме строги и прецизни со проверката на опремата во текот на целата сезона, нема простор за исклучоци – изјави Пертиле за АП. Г.И.