Трамп во понеделникот направи изненадувачки промени во реториката за Газа и за Украина. Но за да покаже дека САД се навистина доминантна глобална сила, доказот би требало да дојде во неговото справување со три критични прашања истакнати во текот на неговото патување во Шкотска изминатиот викенд: 1. гладот во Газа; 2. војната во Украина; 3. трговската размена и царинските тарифи
Забележлива промена во ставовите на американскиот претседател кон војните во Појасот Газа и во Украина, кои зачестува да ги искажува вербално
Откако изминаа шест месеци од неговиот втор претседателски мандат, американскиот лидер Доналд Трамп го добива токму она што го сака на многу фронтови, со повеќе победи што му избегаа во текот на првиот мандат и какви што им вети на своите поддржувачи во изборната кампања. Но за да покаже дека САД сега, под негово раководство, се навистина доминантна глобална сила, доказот би требало да дојде во неговото справување со три критични прашања истакнати во текот на неговото патување во Шкотска изминатиот викенд:
1. гладот во Газа;
2. војната во Украина;
3. трговската размена и царинските тарифи, наведуваат светските медиуми.
Планот на Трамп за да го ублажи растечкиот глад во Газа
Трамп направи изненадувачки промени во реториката за Газа и за Украина во понеделникот. Коментирајќи ги видеоснимките од неисхранети деца во Газа, тој отворено се спротивстави на тврдењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нема глад во енклавата по месеци војување.
– Мораме да ги нахраниме децата. Можеме да спасиме многу луѓе, мислам на некои од тие деца. Тоа е вистински глад; го гледам тоа и не можете да го лажирате. Затоа ќе бидеме уште повеќе вклучени – рече Трамп, ветувајќи дека ќе воспостави центри за дистрибуција на храна за да го ублажи растечкиот глад во Газа.
Но американскиот претседател понуди малку детали за тоа како овој план би функционирал во воена зона. Можеби посветеноста на Трамп е вистинска промена и може да доведе до тоа тој да го поткопа Нетанјаху, лидер што постојано го отфрла притисокот од САД и нанесува штета врз намерата на американскиот претседател да биде виден како миротворец.
Американскиот претседател е под зголемен притисок да интервенира во хуманитарната криза, при што десетици Палестинци починаа од глад во последните недели во криза што ОН и други хуманитарни организации ја припишуваат на израелската блокада на речиси целата помош на територијата. Претседателот на САД им рече на новинарите дека Израел сноси „голема одговорност“ за кризата, во знак на прекор до Нетанјаху, кој претходно тврдеше дека „нема глад во Газа“.
Трамп го критикуваше и Хамас бидејќи не ги ослободи преостанатите заложници и рече дека милитантната група е „многу тешка за справување“, додека сугерираше дека побарал од израелската влада да го промени својот пристап.
Втор предизвик: Скратен Трамповиот 50-дневен рок за прифаќање на мировниот договор за Украина
Вториот тест за реално постоење на „глобалната моќ на Трамп“, според оцените на светските медиуми, ќе биде – војната во Украина.
Американскиот лидер во понеделникот изрази незадоволство од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ги прифати неговите предлози за мировен договор во Украина, ограничувајќи го неговиот претходен 50-дневен рок за дејствување на 10 или 12 дена. Временската рамка на Доналд Трамп за мировен договор меѓу Русија и Украина се забрза, рече американскиот претседател за време на посетата на Велика Британија.
– Ќе одредам нов рок од околу 10, 10 или 12 дена од денес. Нема причина за чекање. Тоа се 50 дена. Сакам да бидам дарежлив, но едноставно не гледаме никаков напредок – рече Трамп како одговор на прашање на средбата со британскиот премиер Кир Стармер.
Коментарите на Трамп во последните недели ја одразуваат континуираната промена од неговиот речиси помирувачки став кон војната, забележува британски „Гардијан“.
Трамп во понеделникот исто така изјави дека е разочаран од Путин. Пред две недели, американскиот претседател вети нови санкции против Русија ако Путин не отпочне период на прекин на огнот за да се водат преговори.
Ако Трамп одлучи да го заостри ставот кон Русија, особено со секундарни санкции врз рускиот извоз на нафта, тој би можел да ги соочи САД директно со Индија и со Кина, ризикувајќи глобален економски удар. Дали американскиот претседател навистина е подготвен да го ризикува сето тоа за Украина, за која смета дека веќе добива премногу помош од САД?
Енергичен потег против Русија во наредните денови, кој би можел да биде дури и против сопствените политички интереси на Трамп, би покажал дека претседателот е подготвен да им се спротивстави на големи светски лидери, заклучуваат дел од западните медиуми.
Руски и украински дипломати се состанаа во Истанбул минатата недела, при што договорија размена на заробеници. Украина предложи самит меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин до крајот на август, но одговорот на Русија беше дека таков состанок би бил соодветен само ако се потпише договор. Средбата во Истанбул беше трета рунда преговори. Р.С.