Струмица
Јубилејното 20. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи во Струмица, од 4 до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна и интересна програмска селекција.
Физиономијата на „Астерфест“ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини.
Оваа година лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски, кој e еден од најеминентните македонски и светски филмаџии. Според критичарите, неговиот славен филм „Пред дождот“ е еден од најуспешните дебитантски играни филмови во историјата на кинематографијата. „Њујорк тајмс“ го вброи во својата листа „Најдобрите 1.000 филма направени некогаш“. Манчевски го освои „златниот лав“ во Венеција, наградата „Индепендент спирит“, има номинација за „оскар“, а се смета за најтрофеен македонски филмски режисер. Делата на Манчевски се дел од наставните програми на голем број универзитети, предмет се на многу есеи и книги и повод се за дискусии на голем број конференции.
Годинашен добитник на почесното признание на „Астерфест“ за особени достигнувања на полето на филмската и ТВ-продукцијата е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентката на Кен Лоуч, која ја започнала својата богата филмска кариера работејќи на „Единбуршкиот филмски фестивал“. По краткотрајното работење во театарските студија „Риверсајд“, се вклучила во продукцијата. Нејзиното деби како продуцентка на долгометражен филм било со „Смртта на пријателството“ на Питер Волен. Нејзиниот прв филм со Кен Лоуч бил „Скриена агенда“, по што имаат снимено осумнаесет долгометражни филма и многу други документарни и кратки проекти. Во 2002 година заедно го основале продукциското студио „Шеснаесет филма“. Таа во моментот е членка на управниот одбор на „Бритиш скрин“. Двапати била добитничка на „златна палма“ на Филмскиот фестивал во Кан, а добитничка е и на наградата БАФТА за најдобар британски филм. Ка.М.