Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на новинарско прашање денеска на брифинг истакна дека прашањето за учеството на независните кандидати на претстојните локлани избори ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се согласиле парламентарните партии да го донесат законот.

Тој потенцира дека ова прашање ако не се реши до одморите, ќе мора по одморите кон крајот на август.

-Како што знаете, препораките на Уставниот суд беа да се донесе нов Изборен законик, кој ни е во процедура но не можеме да го поминеме, откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако имаме услови до крајот на месецов би го изгласале, ако не, не знам. Ќе треба да се продолжи по старите решенија да се оди на избори. Ќе треба да најдеме решение. Ова сме го збореле на координации со координаторите на сите пратенички групи дека Изборниот законик е нешто што е приоритетно и мораме да најдеме начин да го решиме. Тоа е еден од поголемите приоритети што го имаме како Собрание и ни виси над гласа. Сакаме да го решиме. Гледаме најбрзо што можеме, дали до 31 јули, ако не, веднаш по одморите кон крајот на август да го решиме тоа – рече Гаши.

Гаши соопшти дека во првите 10 дена на август се очекува да ги распише локалните избори кои треба да се одржат во октомври.

-Не можам да ви тврдам кога ќе ги распишам изборите, затоа што се поврзани некои теми. Сакаме да решиме некои проблеми, за да не биде тоа после пречка, рече тој.

Гаши потенцира дека уште два-три закони остануваат да се донесат, кои се поврзани со Бадентер.

-Нема повеќе, два-три закони. Не ги знам точно, отприлика е Законот за локална самоуправа кој е еден од потешките за кого се бара и двојно мнозинство и голем Бадентер. Не е баш лесно. Нив (ДУИ) треба да ги прашање што е спорно во тој закон – рече тој.

За Предлог-законот за правична застапеност, кој се очекува Владата да го прати на мислење до Венецијанската комисија, Гаши нагласи дека подобро е да ги апсолвираат сите дилеми пред да почне законодавната постапка, за кога ќе го изгласаат веднаш да се применува.

-Не сме информирани и консултирани. Мислам дека Владата постапува како што таа мисли дека е во ред. Сепак, работата на Собранието почнува во моментот кога еден закон се приложува во нашата архива и во моментот кога почнува законодавната постапка. Оттогаш Собранието стапува на сила. Тој е политички дел. Владата, парламентарното мнозинство сакаат да ги разгледаат сите можности, да се направат сите можни консултации, тука мислам и на Венецијанската комисија, за кога ќе дојде во Собрание да не го враќаме назад, туку да биде финална постапка. Не значи дека ќе го прифатиме така каков што е, но со што помалку дилеми да се влезе во собраниска процедура е подобро. Мислам дека и за пратениците и за Собранието, подобро е така. Подобро да ги апсолвираме сите дилеми пред да почне законодавната постапка, за кога ќе го изгласаме да влезе во сила и да се применува – рече Гаши.

Гаши истакна дека до крајот на месецов Собранието ќе работи поинтензивно, со оглед на тоа што август, вели, ќе биде повеќе неработен.

-За разлика од тоа што август ќе биде повеќе неработен, ќе гледаме до 31 јули да работиме поинтензивно. Веќе на 31 јули закажана е седница за пратенички прашања, но можно е една или две седници да се свикаат во меѓувреме. Имам најава дека е готов Кривичниот законик и оти ќе го пратат деновиве. Но не знам што се случило. Најверојатно денеска, утре, овие денови ќе биде доставен до Собрание. Штом се достави, ќе гледаме да го ставиме веднаш на седница – рече тој.

Спикерот информира дека е објавен огласот за нов Народен правобранител на местото на досегашниот Насер Зибери на кого му престана функцијата поради исполнување на условите за старосна пензија.