Фото: ЕПА

Фудбалерот од средниот ред на Челси го посети Сент Китс и Невис, каде што е роден неговиот дедо Стери Палмер, пишува ФИФА. Атиба Харис, претседателот на Фудбалската асоцијација на Сент Китс и Невис, изјави за ФИФА дека се надева дека подвизите на ѕвездата на Челси можат да помогнат за подобрување на фудбалската иднина на таа земја, од давање инспирација на амбициозните професионалци до зголемување на глобалниот фонд на играчи

Кол Палмер можеше да оди насекаде низ светот за да го прослави својот одличен настап поради водењето на Челси до титулата на клупското Светско првенство (СП), но играчот од средниот ред на Челси одлучи да го посети Сент Китс и Невис, каде што е роден неговиот дедо, Стери Палмер, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Англискиот репрезентативец беше пречекан во Сент Китс од низа локални достоинственици. Популарноста на Палмер во Сент Китс и Невис масовно порасна откако го извезе знамето на земјата на неговите копачки покрај амблемот на Англија.
– Слетувањето во Сент Китс по освојувањето на клупското Светско првенство беше навистина посебно чувство. Тука почна љубовта на мојот дедо кон фудбалот. Островот е прекрасен и навистина опуштен. Едвај чекам да ги истражам планините, дождовната шума и морето и да ја пробам храната – рече Палмер, пренесе Светската фудбалска федерација.
По огромниот публицитет што го привлече посетата на Палмер, локалните власти се обидуваат да го искористат моментот од туристичка перспектива. Во меѓувреме, Атиба Харис, претседателот на Фудбалската асоцијација на Сент Китс и Невис, изјави за ФИФА дека се надева дека подвизите на ѕвездата на Челси можат да помогнат за подобрување на фудбалската иднина на таа земја, од давање инспирација на амбициозните професионалци до зголемување на глобалниот фонд на играчи.
ФИФА: Колку голема беше посетата на Кол Палмер на Сент Китс?
Харис: Едно од нештата што ги цениме во Сент Китс и Невис се нашите луѓе во заедницата на дијаспората, а да имаме некој како Кол Палмер да се врати на своите корени… неговиот дедо е роден тука, па да се види дека лозата не престанала и сега неговиот внук се враќа е доказ за силните семејни врски и вредности што ги нудиме тука. Присуството на Кол Палмер е навистина голема работа и ќе ја инспирира и следната генерација.
ФИФА: До кој степен Палмер доведе до пораст на бројот на навивачи на Челси на островот?
Харис: Има огромен број следбеници на Челси тука, а има уште повеќе откако почна да го носи знамето на копачките. Тоа привлече многу повеќе помлади поблиску до него. И често ја гледате неговата карактеристична (студена) прослава на локалните натпреварувања.
ФИФА: Каква инспирација им дава Палмер на сегашните професионалци или амбициозни ѕвезди што некој од нивно потекло стигнал до самиот врв на играта?
Харис: Тоа ќе биде генерално инспиративен потег. Тој ќе ја инспирира не само помладата генерација туку и сегашната генерација фудбалери што играат и локално и во странство. Имаме и момци како Маркус Рашфорд за кои верувам дека би можеле да ги инспирираат играчите од дијаспората да дојдат во нашиот национален тим.
ФИФА: Дали имало разговори со Палмер за тоа да се направи нешто конкретно со земјата во иднина?
Харис: Мислам дека ова е почетниот чекор во вклучувањето на туризмот, каде што тој веројатно може да ја промовира земјата како целина. И сигурен сум дека имало разговори со владата за финализирање на нешто со него, заедно со други, како Маркус Рашфорд.
ФИФА: Дали имаше разговори за обид да се ангажира Палмер да игра за националниот тим пред тој да одлучи да игра за Англија?
Харис: Тој беше на радарот. Имаме долг список со играчи што можат да ја претставуваат земјата. Реалноста е дека Англија е „домот“ на фудбалот и ако англиската репрезентација ве повика на млада возраст, тогаш природно ќе гравитирате кон земјата на вашето раѓање. Не би рекол дека ни помина, би рекол дека ја искористил својата можност исто како и другите во минатото, како Мика Ричардс, да ја претставуваат земјата на нивното раѓање, но тие никогаш не заборавиле каде почнало нивното семејно наследство. Н.М.