Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин денеска изјави дека ниту ВАР технологијата немало да го промени исходот на натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Јувентус
Јувентус беше елиминиран од Реал Мадрид со гол од пенал на Кристијано Роналдо во 93. минута, на што претходеше спорен пенал за шпанскиот тим.
– Не можеме да воведеме ВАР систем во тек на натпреварувањето. Но и да го имаше, немаше ништо да се смени на средбата во Мадрид. Некои снимката ја гледаа 20 пати, јас сигурно преку 50 и повторно, дел кажуваат беше пенал, дел не се согласуваат со одлуката на судијата – истакна Чеферин.
Според него, капитенот на Јувентус Џанлуиџи Буфон не постапил на најдобар начин кон судијата Мајкл Оливер со изјавата дека наместо срце има канта ѓубре.
– Буфон не беше во право. Тој не требаше така да постапи. Сепак, ја разбирам неговата фрустрација и разочарување – рече Чеферин.
Првиот човек на УЕФА потврди дека има шанса ВАР да се користи во ЛШ од сезоната 2019/20.