Фото: ЕПА

За влез во полуфиналето меѓу себе ќе играат Пари сен Жермен и Баерн, односно Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, кои се сретнаа во финалињата на Лигата на шампионите во 2020-та, односно во 2024 година

ФУДБАЛ

Континентални прваци од 2021 година и тимови од квалификациската ранг-листа на Европската фудбалска унија (УЕФА) за четиригодишниот циклус според настапите во Лигата на шампионите (ЛШ) се најмногубројни во четврт-финалето на клупското Светско првенство (СП) во САД. Меѓу осумте најдобри се пласираа континенталните шампиони од пред четири години, Челси (Европа), Ал Хилал (Азија) и Палмеирас (Јужна Америка) и три од листата на УЕФА, Баерн (првопласиран на листата на УЕФА), Пари сен Жермен (второпласиран, единствен актуелен континентален првак меѓу осумте најдобри на СП 2025) и Борусија Дортмунд (третопласирана). Четвртфиналисти на СП 2025 се и Реал Мадрид, европски првак во 2022 и во 2024 година, и Флуминенсе, јужноамерикански шампион во 2023 година.
На годинашниот клупски Мундијал настапуваа прваците на континентите од 2021 до 2024 година, како и највисокопласираните екипи на ранг-листите за тој четиригодишен циклус од неколку континенти. Секој од осумте клуба во четврт-финалето на СП 2025 досега бил континентален првак.
Европа сигурно ќе има еден финалист на планетарното клупско првенство годинава, откако во полуфиналето меѓу себе ќе играат победниците на средбите Пари сен Жермен – Баерн и Реал Мадрид – Борусија Дортмунд. Бразил и Германија во четврт-финалето имаат по два тима (Палмеирас и Флуминенсе, односно Баерн и Борусија Дортмунд), а по еден тим Саудиска Арабија (Ал Хилал), Англија (Челси), Франција (Пари сен Жермен) и Шпанија (Реал Мадрид).
Во натпреварите за пласман меѓу четирите најдобри тима на годинашното Светско клупско првенство ќе има две репризи на финалиња во Лигата на шампионите, бидејќи Баерн и Пари сен Жермен играа меѓу себе за европската титула во 2020 година, а Реал Мадрид и Борусија Дортмунд беа финалисти во 2024 година.
Четвртфиналните дуели на СП 2025 почнуваат утре, со натпреварот Флуминенсе – Ал Хилал, од 21 часот по средноевропско време, а потоа в сабота има три средби, и тоа Палмеирас – Челси од 3 часот, Пари сен Жермен – Баерн од 18 ч. и Реал Мадрид – Борусија Дортмунд од 22 часот. Н.М.


КЛУПСКО СП 2025 ОСМИНАФИНАЛЕ

Палмеирас – Ботафого 1-0
Бенфика – Челси 1-4
ПСЖ – Интер Мај. 4-0
Фламенго – Баерн 2-4
Интер Мил. – Флуминенсе 0-2
Манчестер С. – Ал Хилал 3-4
Реал М. – Јувентус 1-0
Борусија Д. – Монтереј 2-1
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Флуминенсе – Ал Хилал утре, 21 ч.
2. Палмеирас – Челси сабота, 3 ч.
3. ПСЖ – Баерн сабота, 18 ч.
4. Реал М. – Борусија Д. сабота, 22 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 8 јули
Победник 3 – Победник 4 9 јули

КОЈ ЌЕ ИГРА ВО МЕЧОТ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА?
Финалист 1: Флуминенсе, Ал Хилал, Палмеирас или Челси
Финалист 2: ПСЖ, Баерн, Реал М. или Борусија Д.