Под традиционалното мото „Убавините почнуваат на М“, вчера во Пустец, Мала Преспа, започна „Македонско културно лето“, фестивал што ги промовира и слави македонската култура и фолклор пред Македонците од овој дел на Албанија.
Свеченото отворање на оваа значајна манифестација не само за Македонците што живеат во Албанија туку и за сите Македонци, каде и да се, се одржа во центарот на Пустец, на плоштадот „Гоце Делчев“, со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на НУ Театар-Битола, по што следуваше концертот „Мала Преспа – Голема Песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“.
Како што најавија организаторите, годинава фестивалското издание ќе трае пет дена, при што пред Македонците од Мала Преспа ќе се претстават театарски трупи и музичари од Македонија, како и фолклорна група од Мала Преспа. Организаторите посебно го потенцираат гостувањето на Битолскиот театар, кој ја изведе претставата „Снежана и седумте џуџиња“ за македонските деца од Мала Преспа, кои со театарска уметност во живо низ годините се среќаваа единствено благодарение на гостувањата на трупите од Република Македонија, така што и овој пат тоа за нив беше вистинско уживање.
Во следните денови ќе има и други театарски претстави, кои ќе бидат изведени на плоштадот, а ќе бидат отворени и две изложби во музејот „Стерјо Спасе“ во Глобочани. Фестивалот ќе биде затворен на 5 јули, со концертот на ансамблот „Преспа“, кој ќе се одржи на островот Мал Град.
Фестивалот е поддржан од македонското Министерство за култура и туризам, општините Пустец, Велес, Битола и Охрид и од Град Скопје.
Основачи и организатори се Едмонд Сотир и Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“- Скопје. С.Р.