Вкупниот награден фонд за континенталното првенство што од утре ќе се игра во Швајцарија е 41 милион евра, што е зголемување од 156 проценти во однос на сумата за ЕП 2022, а фудбалерките првпат ќе добијат загарантиран процент од наградите, објави УЕФА
ФУДБАЛ
Наградниот фонд за репрезентациите што ќе играат од утре на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки во Швајцарија значително е зголемен, при што фудбалерките првпат ќе добијат загарантиран процент од наградите, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Вкупниот награден фонд од 41 милион евра е зголемување од 156 проценти во однос на сумата од 2022 година.
Овие поголеми награди ја одразуваат континуираната посветеност на УЕФА за развој на фудбалот за жени низ цела Европа, со една милијарда евра наменети за развој помеѓу 2024 и 2030 година, пишува УЕФА.
Вкупниот достапен награден фонд за ЕП 2025 за жени ќе биде 41 милион евра, повеќе од двојно повеќе од 16-те милиони евра што ги добија националните асоцијации во 2022 година и пет пати поголем од фондот од осум милиони евра за репрезентациите што се натпреваруваа во 2017 година.
Сите 16 селекции ќе добијат фиксна сума за учество од 1,8 милион евра, што е 70 отсто од вкупниот награден фонд. Преостанатите 30 проценти ќе бидат составени од бонуси за перформанси, при што репрезентациите ќе добијат 50.000 евра за нерешен резултат и 100.000 евра за победа во групните фази, како и постепено зголемувачки бонуси за секоја нокаут-рунда. Максималниот награден фонд што може да го добие новиот европски првак, ако победи и во своите три натпревари од групната фаза, е 5,1 милиони евра.
Фудбалерките исто така ќе бидат наградени за своите настапи на ЕП 2025 со добивање загарантиран дел од наградниот фонд што го добива нивната национална асоцијација, пишува УЕФА. Секоја национална федерација учесник мора да одвои за репрезентативките помеѓу 30 и 40 отсто од вкупната сума што ја добила, а за селекциите што ќе стигнат до нокаут-фазата се препорачува на фудбалерките да им се доделат помеѓу 35 и 40 проценти од вкупните заработки, пишува УЕФА.
Програмата за клупски бенефиции беше воведена за ЕП 2022 за жени, признавајќи го важниот придонес на клубовите и нивните играчи за успехот на турнирот. Годинава вкупниот пакет клупски бенефиции ќе се зголеми на девет милиони евра од 4,5 милиони евра во 2022 година. Овие суми се наменети за компензација на европските клубови чии играчи се избрани во репрезентациите што учествуваат на ЕП 2025 за жени. За секоја фудбалерка клубот добива компензација по стапка од 985 евра дневно. Минималната исплата по играч што ќе ја добие клубот е 19.700 евра, за играч чија национална екипа е елиминирана по групната фаза, пишува УЕФА.
На ЕП 2025 ќе играат 16 репрезентации, шампионатот почнува со дуелите Исланд – Финска и Швајцарија – Норвешка. Актуелен европски првак е Англија. Н.М.