Фото: Архива

Мицкоски изгубен во сопствените лаги – реалноста е: сиромашни граѓани, нови долгови и економски крах, реагираат од СДСМ по обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од Владата.
-Денешното излагање на Мицкоски е уште една потврда дека тој целосно се загуби помеѓу неговите лаги од една страна, и суровата вистина – реалноста од друга страна. Дали човекот навистина верува во тоа што го зборува или пак знае дека текстот кој го читаше е само празно слово на хартија и нема врска со реалноста, нема врска со тешкиот живот на граѓаните? Кој е одговорот граѓаните сметаме дека многу добро знаат. Мицкоски одново ги повторуваше истите празни флоскули, во очаен обид мислејќи дека една лага, повторена доволно пати, ќе може да се претвори во вистина. Не може да биде точно, ниту реално, тврдењето дека Македонија е четврта најсилна економија во Европа. Вистината е сосема спротивна. Дури и Народната банка, со која раководи Трајко Славевски, ја ревидираше проекцијата за инфлацијата на околу 4% за оваа година, додека економскиот раст, според домашните институции, нема да надмине 3%. Тоа значи реален економски пад – ситуација полоша дури и од конфликтната 2001 година, кога Македонија оствари подобри резултати – велат од СДСМ.

Оттаму велат дека податоците на Евростат јасно и недвосмислено покажуваат дека Македонија е последна во Европа по животен стандард, најниската плата и најмалата куповна моќ се реалноста со која секојдневно се соочуваат граѓаните.

-Во услови на ваква социјална и економска криза, Мицкоски тврди дека долгот бил намален. Но фактите говорат спротивно – само за една година, Македонија потпиша нови задолжувања од 7 милијарди евра, а најавени се уште 700 милиони за наредната година. Тоа значи дека за две години, долгот ќе достигне 12 милијарди евра – тројно повеќе од вкупниот акумулиран долг на државата во изминатите 35 години.Парите се потрошени, а никој не знае каде завршија. Македонија не се сака со лаги, ПР-спотови и долгови. Вистински патриотизам е да се работи за реално подобрување на животот на граѓаните, за повисоки плати, економски напредок и стабилност – велат од СДСМ.

-На една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е понижена, осиромашена, задолжена и целосно девастирана. Мицкоски зборува за енергетика во моменти кога се соочуваме со најлошата енергетска политика во историјата на државата – велат од СДСМ.