Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека таков директен разговор би бил корисен, но дека треба да се подготви.
Тој нагласи дека „доколку се создадат услови за обновување на односите“ меѓу Русија и САД, Москва е подготвена да го одржи овој тренд – пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на руската „РИА Новости“.
Рускиот претседател оцени дека нема да има руско-украински конфликт доколку Трамп ги добиеше изборите во 2020 година и дека сегашната ситуација е последица на одлуките на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Путин изјави дека во еден од неговите последни разговори со Бајден, го предупредил поранешниот американски претседател за опасностите од неговата политика во врска со Украина.
Слично на тоа, во еден од неговите последни јавни говори, Путин зборуваше за можноста за задоволително решение за Израел и Иран, додека САД размислуваат да се вклучат во овој конфликт.
– Ова е чувствително прашање и, секако, мора да бидеме многу внимателни, но според мене, генерално, може да се најде решение – рече Путин.
– Во моментов, гледаме дека во Иран сè уште постои консолидација на општеството околу политичките лидери во земјата – додаде тој, сугерирајќи посредништво на неговата земја во евентуалните преговори за наоѓање дипломатско решение.
Вчера Кремљ го „предупреди“ Вашингтон да не се меша, а се претпоставува дека евентуалната средба меѓу двајцата лидери на спротивставените светски суперсили би можела да придонесе и за деескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.