Преспа 2018: Или анатомијата на едно злосторство (1)

Денес е 18 јуни, драг читателу, денот кога пред седум години се потпиша од нашите велезлосторници (Заев и Димитров), под надзор и со притисок на Брисел, Атина и Вашингтон, смртоносниот за Македонците Преспански договор. Со него всушност се изврши идентитетски геноцид врз нас како еден вид, според ликвидаторите, конечно затворање на македонското прашање со кое тие се мачеа во континуитет повеќе од едно столетие. По Аушвиц од Втората светска војна, тие сега по рецептот на Хитлер, иако на перверзно софистициран политички начин, го создадоа новиот Аушвиц во Македонија и за Македонците. Во неколку продолженија во овој подолг есеј ќе се обидеме да ја прикажеме во збити црти анатомијата на тоа цивилизациско злосторство на цел еден народ. Почнуваме првин со песните на таа тема што ги имам зачувано во Јанѕа и несоница по тоа грозоморно злосторство.

* * *

ЌЕ ПРЕБОЛИ: Ќе преболи раната длабока / на мојот народ знам. / Ќе блесне едно ново соѕвездие / над знамето развиорено на Името / исфрлено како ластовичино јато / од дланките на Господ / како откровение, како огнен цвет, / додека ја создава без рани повторно Тој / со Новото небо и Новата земја / и Македонија во дотрајаниот свет.
НАЈБОЛЕН МИГ: Кој е најболниот миг /се прашуваме во јанѕа ние. / Веројатно оној во кој се разминаа прстенот и прстите / во секундата слатка / на оние што требаше да застанат пред олтар, а заминаа во смрт без вратка. // Тоа е уште и мигот во кој / почнуваат обратно да се вртат / стрелките на саатот, / и сè е наопаку поставено, / кога и ’рѓата се претставува за злато / и кога не можат назад да се свртат, / подмишка со смртта, / ни патникот на патот. // Во тој миг она што било пред тоа / како бескрајот необјатно, / е скусено како догорче само / во кое гасне огнот на светот, и само кружи nocturno, de profundis / на пурпурното ластовичино јато / над осамените македонски гробишта летот.
ТОА БИ БИЛО ПРЕКРАСНО: Тоа би било прекрасно. / Ајде да го замесиме, мила, / од душата житна на Македонија / и од мирисот ранет на цветот / Лебот на убавината, / да го испечеме во фурната на Господ / и да го нахраниме со него светот. // Тоа би било прекрасно. / Ајде да направиме од нив /и лек и преврска за нашата рана. / Ајде, ама е невозможно тоа, /оти по Преспа врз нашите житници / и овоштарници паѓа само смрт и слана.
СОН СО ЦРКВА: Од гранит сум Адам, / не од глина јас во овој сон. / Во столбови удовите ни цврснат, / градите во апсида и олтар, / а главата во централно кубе / со Седржителот во него / на златниот облак крснозе седнат. // Црква сум, ама зошто во неа / ангелите и светците не пеат сега?/ ‒ И тие заедно со Името / се одведени на закоп во Преспа / ми вели Исус од иконата. / Тогаш го пуштам од грло крикот / од кој напукнуваат столбовите / и црквaта се урива до темел, / а јас се будам како Јован Крстител /со главата пресечена во дланка, / Големото космичко ѕвоно, / кубето златно го држам / и се прашувам во мора дали сум буден / или е тоа само втор чин на сонот.
ЗНАМЕТО НА ЉУБОВТА: Глеј како храбро виори / знамето на љубовта / на македонските комити / „Слобода или смрт“ / покрај Христос на Голгота, / иако доцни воскресението за нив, / и сонцето црниот конец на летото / на роданот на јанѕата го мота.
СО ПРЕДЦИТЕ И ПРАПРЕДЦИТЕ ВЕЧЕРАВ ЈАС: Со предците и прапредците вечерав јас. / Нешто лук, нешто кромид, толчена пиперка, / рубини, јаспис и дијаманти, наместо леб / на нивната скромна трпеза / послана со чаршафот златен на вечноста. // Вечераме. Тие и песни старински пеат, / исконски како нашиот праг и средишната греда, / и секој нивен залак е епски стих. / Не можам сега точно да се сетам на нив, / додека литургиски се искачуваа тие гласови / на моето и на петолинието на мојот столчен / род горе и бликаа како планински поток / од нивната заедничка рана. // Вечерам со предците и прапредците / од златен саан и со златна лажица од Господ, / а тие ме прашуваат: „Како е таму кај вас.“ Јас, пак, одбегнувам да одговорам и ги прашувам / нив: „Како е таму кај вас?“ / А тие, пред да се збогуваат на крајот: / „Нема ни таму, ни ваму, туку меѓу“, како што рекоа предците и прапредците, обраќајќи се на заминување / кон мене: „Во срцевината, заедничката рана / во која ти пред нас се роди, / дојден од иднината што замина зад нас древна. / Затоа е и постар од нашиот твојот искон, / и затоа и стоиш како младоженец / на овој хиерогамоски наш и твој срт / на кој се венчава Македонија со небото. / Затоа и крени ја како знамето на комитите / на замин чашата за здравица: Слобода или смрт!“
КРАЛСТВО: Глеј една цела чета / од воини крилести / Секој од нив на реверот има / кралство ‒ венчална ружа. / И коњите нивни се тешки од тоа кралство / над кое династиите на сонцето кружат. // Свадбарски сватови се тоа. / Се склопува сликата на Големото / кралство со единствено име / во кое нема ни голем ни мал, /ни господар ни слуга, / и секој има невеста и прстен, / и секој е Македонец и крал.
БЕЗИМЕНОТО: Не е слепо Ништо тоа, / туку е извор на сè што блика. / Тоа ги знае сите од прав што се / и во прав што легнале. / Буда е тоа / што седи крснозе во безименото, / оти е тоа името на сè / и оти од него се крева и цвета / лотосот на безвременото.
ЗАМИНУВАЊЕ НА ЛЕТОТО: Како молња светнува и се гаси / секоја и оваа година златното лето. / Не може да се доварди иако / како Богородица на олтарот / е сè во него откровение, моќно и свето, / и иако е од сончеви дијаманти / ореолот на неговата глава. / О, Боже, глеј како на прагот од есента / пред мразот и него некој како Македонците / го легнува и во мртовечки ковчег го става. / И тоа е веќе болка, псалмопевна жал во ноќта најцрна на светот во која / се собрале наказите европски да слават, / и некој Искариот го менува златото за кал.
ТЕМЕЛ: Каква е оваа светлина / што ме двои од мракот, / па во сината небесна бездна / ме крева, и сè од мене / што е излишно едно по едно паѓа / та јас сум само гола јатка, / и гледам тоа е рана, пред да сфатам дека е дијамант, исконска ноќ, / и дека тоа што сум сега / без обвивка и гол / е плотта на Новиот Адам, / која ништо не ѝ должи на змијата, / ни на дрвото на познанието / што ја прибра во крошната неа. / Затоа во дионизиско вино, / во делириум сум ја прегрнал по Голгота / како љубовница егзистенцијата, / и на свадбата во Кана Галилејска / заедно со Македонците од десната / страна на Исус седам на синијата.
ШТИТ: Градите ти ги давам за штит / во македонската битка, сине / и отчукувањата на срцето, / колку што останале, / за кога како галички вез / со толку убоди ќе го навезат / твоето мартирско срце, / та нема врата низ која ќе излезе / на слобода Светиот Дух / тие да го заштитат него. / Најпосле и коњот сотворен / од атомите на мојот сон / ти го давам сосе галопот / кој може само за секунда / низ неколку столетија да мине, / доволно пред да те настигне смртта / во вечноста да бидеш ти, / венчан со бесмртноста, сине.

ИМЕТО НАШЕ ГО ЗАКЛАА: Името наше го заклаа, / мрак ги покри исконските води, / ама со живот е тоа полно пак, / оти и смртта е трудна со него / и повторно ќе го роди. // Го знае крвникот тоа, / дека е и во смртта полно со живот, / и не го испушта ножот од рака. / Макар и неколку столетија ќе чека / повторно да му го земе здивот. // Ама и смртта повторно го раѓа него / и никој веќе не знае / до кога така од столетие до столетие / тие циклуси ќе се множат / и таа крвава игра ќе трае.
ЗНАМЕТО: Го гледам знамето сневеселено / што го поставив на балконот, / и за да го развеселам и охрабрам / му велам „Слобода или смрт“. / Но тоа молчи, оти по Преспа / и во него ништо исто не е, / и многу повеќе во јанѕа / песната на смртта отколку / песната на слободата ја пее.
ИМЕНКИ: По таа катастрофа / што ни се случи, / секоја душа кај нас / од прав создадена / во прав се врати пак. / И селата како стада / беа заклани / и петлите што ја будат / зората во нив. // Само именките, /чиста есенција, / што сведочат за нас / уште останаа, / и не врз надгробен камен. / Секој од нив е свадба, / игра и пее / и не се плаши од смрт / и Господ со ангелите / е во нив за да преживее. МАКЕДОНИЈА: Темен предесенски лет / на птичјото јато што се сели. / Апстрактно писмо / врз везот погребален / на галичките навести. / Сенка-невеста што пее / порабена со златен и со срмен конец, / со сонот на мртовците во гробиштата / во осамените македонски села / потонати во сината бездна на небото / рана отворена за воскресение од која / се крева свадбарски ружата бела.
МАКЕДОНСКА ГЛЕТКА: Накривена селска црква / и Богородица во неа, / која по воскресението / наместо Богомладенецот / во прегратка ја држи / првата расцутена гранка / на првата пролет / во срцето на човекот, / лице в лице / со бесмртноста што ги зела / во закрила великодушно / и гробиштата и мртовците / во осамените македонски села.
ДОДЕКА НИЗ НАШИОТ БАКНЕЖ: Додека низ нашиот бакнеж / маршираат пролетерите / и ја пеат Интернационалата / од која се тресе капитализмот, / а архангел Гаврил е повторно / кај Марија од Назарет со цветот / на најубавото откровение, / и го веат комитите над светот / знамето „Слобода или смрт“, / постои за човештвото спасение.
СОНЧЕВО ДЕТЕ: Само детето од светлина / со сонцето под мишка / и со златни стапки босо / во сонот наш што гази / и од вимето ѕвездено што цица, / може да ја запали оваа ноќ / и каменот надгробен / да го престори во птица. // Богомладенецот ли е тоа? / Оти сега на Македонија / ѝ треба Спасител и сонце / и се бара невеста која / ќе затрудни оваа тешка ноќ / од мирисот на оној цвет / што го снесе архангелот од небо, / заверен со Господов печат, / кај Марија во Назарет.
Ете, тоа се тие песни, најнови, за македонската идентитетска смрт во Преспа, што ги пишував во несоница јас, драг читателу. Оти никогаш и не сум сонувал дека ќе пишувам родољубиви песни или каков било друг вид на таканаречена ангажирана поезија. Секогаш сум сметал, а и денес, пак, кога го правам тоа со ракописот на болката, дека и метафизичката поезија на која од првиот стих сум ѝ бил наклонет е на свој и многу поубедлив начин ангажирана. Она што вели Исус: „Кој има уши ќе чуе, кој има око ќе види.“ Впрочем, на времето за мојата поетска „неангажираност“ остро ме обвини и една моја колешка поетеса скоевка, која направи со квантен скок огромна и за наши услови застрашувачка кариера. А потоа и таа, надарена со камелеонски инстинкт, почна да пишува „мистична“ поезија. Сеедно. Зборот ми е, драг читателу, дека поетскиот ангажман е поавтентичен доколку во него доминира онтолошкиот и метафизички отколку идеолошкиот концепт. Додуша идеолошкиот и онтолошкиот метафизички концепт алхемиски успешно ги споија како големи таленти, но и сеизмографски сензибилни души, на пример, Мајаковски и Брехт. Но нашата кариерна ангажирана, а потоа мистична поетеса не успеа да го стори тоа, ѝ избегна таа деликатна алхемиска синтеза на Мајаковски и Брехт.
Добро. Може оваа чудна дигресија, драг читателу, е теориска во некоја смисла. Но и теоријата во физиката на дваесеттиот век потврдува дека теориската дисциплина е важна, дури до мерка кога таа алхемиски се спојува и амалгамизира со практичниот резултат како што е тоа во случајот со Ајнштајн и неговата откровенска формула за силите на рамнотежа меѓу енергијата и материјата: Е=МС2. Премногу комплицирано и, истовремено, премногу едноставно.

А откровенската формула на Ајнштајн, која можеби не ја откри до КРАЈ божјата тајна, ама се очеша од неа, по аналогија е суштински значајна и за Македонија, Македонците и нивната историска и метафизичка судбина. Мислам дека MОЈОТ драг пријател академик Љупчо Коцарев, кој на иста синергиска релација говори за оваа тема во неговите есеи во „Нова Македонија“ ќе се сложи со мене надвор од цврстата логика на физиката, меѓутоа која сепак интелигентно контактира со метафизиката. Оти сигурен сум дека тој многу добро го сфаќа Хајзенберг, кој на Нилс Бор му рече дека „кога ќе почне да се говори за атомите, јазикот што се употребува тогаш е поетски“. А тоа значи дека границите меѓу физиката и поезијата се укинати. Нивната врска е алхемиска. Во друг есеј можеби повеќе ќе зборувам со клучот на аналогијата за врските на физиката и македонската историска и метафизичка судбина, што изгледа смело, но има откровенски нишки.
Сеедно. Македонската мемориска судбина, која со Преспа 2018 доживеа помрачение и катастрофа како Хирошима во август 1945, е истовремено де факто страшно трагична, но и откровенска, нешто слично на сликата на последните денови од крајот на дотрајаниот свет во видението на апостол Јован, откровенската книга што во Новиот завет ги затвора страниците на Библијата. По неа, како што навестува порано Исус, доаѓа новата ренесансна космичка епоха кога Отецот создава Ново небо и Нова земја во која Македонија нема да биде заборавена и ќе го добие како компензација на своите страдања и ништења своето заслужено место. Во тоа сум сигурен, а биди сигурен и ти, драг читателу, оти како што рече и Исус во Говорот на Гората (а тој држи до своите зборови-дела) оние што биле тажни ќе бидат утешени и радосни на крајот, и оние што биле столчени и долу ќе се искачат горе. Точка. Сега одиме на анатомијата на злосторството на цивилизацијата врз Македонците од дамнина до денес.