Фото: ЕПА/Илустрација

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика на укинување на принципот на едногласност во Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, предлагајќи негово заменување со гласање со мнозинство.

Говорејќи на заедничка прес-конференција со ирската министерка Хелен Мекенти во Лондон, Вадефул истакна дека принципот на мнозинство е темел на демократските системи, додека едногласноста треба да остане исклучок, пренесе МИА.

 – Ако сакаме Европа да остане способна да дејствува, мора да ја примениме оваа норма и во Унијата – нагласи тој.

Вадефул оцени дека по политичките промени во Унгарија и поразот на Виктор Орбан на изборите од 12 април, се отвора „временски прозорец“ за реформи. Според него, Орбан со години ја блокирал работата на ЕУ, особено во одлуките поврзани со Русија и Украина.

Како пример беше посочена блокадата на заем од 90 милијарди евра за Украина, која Орбан ја стопираше непосредно пред изборниот пораз, предизвикувајќи реакции кај германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој потегот го нарече „акт на груба нелојалност“.

Во меѓувреме, земјите членки на ЕУ успеаја да го одблокираат заемот и да усвојат нов пакет санкции кон Русија, откако Унгарија се откажа од своето противење.

Се очекува новиот победник на изборите, Петер Маѓар, да ја преземе функцијата во наредните недели, што дополнително го отвора патот за промени во одлучувањето во ЕУ.