Администрацијата на Доналд Трамп го смени секретарот на морнарицата во чувствителен момент, додека САД спроведуваат поморска блокада во Ормуската Теснина.
Џон Фелан веднаш ја напушта функцијата, соопшти портпаролот на Пентагон, без да наведе официјална причина за смената. Неговите должности привремено ќе ги преземе Хунг Као.
Фелан, кој дојде на функцијата во март 2025 година, беше фокусиран на зајакнување на бродоградбата и поморската индустрија.
Според „Њујорк Тајмс“ со месеци постоеле тензии меѓу Фелан и раководството на одбраната, особено со министерот Пит Хегсет и неговиот заменик Стивен Фајнберг.
Извештаите укажуваат дека незадоволството било поврзано со начинот на кој Фелан ја водел иницијативата за воена бродоградба.
И покрај тоа, во декември Фелан се појави заедно со Трамп на настан на кој биле најавени нови воени бродови, при што претседателот јавно го пофали.
Смената доаѓа во период кога американската морнарица има клучна улога во стратегијата кон Иран, вклучително и спроведувањето на поморска блокада со цел ограничување на приходите на Техеран. Блокадата ги опфаќа сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
Овој потег следува по низа кадровски промени во воениот врв, меѓу кои и неодамнешната оставка на началникот на Генералштабот на американската армија.
































