Во рамките на разгледувањето на годишниот извештај на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, од страна н Парламентарното собрание на Советот на Европа, македонската пратеничка од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска му постави прашање дали е запознаен со забраната за адвокатот Тони Менкиноски дека му е забранет влез во Бугарија на десет години, само затоа што е застапник на македонските организации кои бараат регистрација во Бугарија, повеќе од 20 години.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, одговарајќи нагласи:
„Во тек сум за овој случај и морам внимателно да го испитам. Од она што го разбирам, на адвокатот наводно му било забрането да влезе во земјата неколку години додека се обидувал да ги застапува луѓето таму.“
Притоа Мајкл О’Флаерти додаде: „Ќе ја разгледам оваа ситуација и сум спремен да организирам соодветни размени за подобро да ги разберам влоговите што се во прашање“.
Во тој контекст Комесарот за човекови права на Советот а Европа Мајкл О’Флаерти утре ќе ги прими на разговор двете македонски пратенички Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ и Ивана Василевска од ВМРО-ДПМНЕ за да разговара за овој случај.
Имено еден ден претходно на пролетната сесија на ПССЕ, исто така и Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изрази подготвеност институцијата внимателно и детално да се запознае со случајот со адвокатот Тони Менкиноски, по поставеното прашање од пратеничката Ивана Василевска.
Генералниот секретар на Советот на Европа најави дополнителни консултации и анализа во рамки на институционалните механизми
Берсе притоа рече дека за Советот на Европа остануваат приоритет заштитата на човековите права, владеењето на правото и независноста на адвокатската професија, како темелни принципи на Конвенцискиот систем.
Тој посочи дека во овој момент не располага со сите потребни информации за да даде конечна оценка, но најави дека ќе бидат иницирани дополнителни консултации со неговиот кабинет и надлежните служби, со цел да се направи темелна анализа на сите релевантни факти и околности.
Воедно, генералниот секретар истакна дека доколку се утврдат прашања од значење во однос на примената на Европската конвенција за човекови права, Советот на Европа ќе постапи согласно своите надлежности, користејќи ги расположливите механизми за дијалог, мониторинг и институционална соработка.
Берсе ја потврди и својата отвореност за понатамошна комуникација, со цел обезбедување информиран и соодветен пристап кон разгледувањето на случајот.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































